Продолжува тензичната трка за нов претседател на САД.
На Џо Бајден му недостасуваат само шест изборни гласови за да влезе во Белата куќа, но стотици илјади гласови сè уште треба да бидат преброени во клучните сојузни држави во САД за да стане поизвесен исходот од тесната битка меѓу Бајден и актуелниот претседател Доналд Трамп, кој веќе тргна во правен поход во државите каде Бајден направи пресврт.
Неговиот персонал во средата поднесе тужби со барање за запирање на броењето на гласовите во Џорџија, Пенсилванија и Мичиген, а во Висконсин е побарано пребројување на гласовите.
Новите резултати од изборите во Америка, кои може да го откријат конечниот победник, треба да бидат познати во попладневните часови по средноевропско време, кога се очекува да бидат ажурирани податоците од Невада, Џорџија и Аризона.
Невада носи шест избирачки гласови и тоа може да биде клучот за победата на Бајден.
Трамп, кој прогласи победа на изборната вечер и секој спротивен исход го нарече кражба, се соочува со многу потежок пат до победата. За да ја продолжи трката, Трамп мора да ги освои Џорџија и Аризона или Џорџија и Невада, откако американските медиуми објавија дека Бајден победил во Висконсин и Мичиген.
Доколку успее, тогаш републиканецот мора да победи во и Пенсилванија, каде што предноста континуирано му опаѓа, и во Северна Каролина, со цел да ги добие потребните 270 избирачки гласови.
Тековен вкупен изборен резултат во моментов е Бајден – 264, Трамп – 214.
Тековна состојба во клучните земји каде броењето сè уште трае (според податоците на АП, ажурирани во 11:40 часот):
Аризона – води Бајден. Џо Бајден – 50,5% / Доналд Трамп – 48,1%. Избројани 86%. Државата носи 11 избирачки гласови.
Пенсилванија – води Трамп: Доналд Трамп – 50,7% / Џо Бајден – 48,1%. Избројани 89%. Државата носи 20 избирачки гласови.
Невада – води Бајден. Џо Бајден – 49,3% / Доналд Трамп – 48,7%. Избројани 75%. Државата носи 6 избирачки гласови.
Џорџија – води Трамп. Доналд Трамп – 49,6% / Џо Бајден – 49,2%. Избројани 98%. Државата носи 16 избирачки гласови.
Северна Каролина – води Трамп. Доналд Трамп – 50,1% / Џо Бајден – 48,7%. Избројани 94%. Државата носи 15 избирачки гласови.