Доктор Дејан Трајковски на Фејсбук објави анализа на сегашната состојба со заразени и починати од Ковид. Споре него,
-Ако во претходните три дена високите дневни стапки на позитивни тестови ги објаснувавме со релативно помалиот број на тестови, денеска бевме нокаутирани со дневна стапка од 37%, потврдена со вториот највисок број на тестирања до сега – дури 3.211. Растот на седумдневната стапка, која моментално изнесува 34,7%, исто така потврдува дека базичниот репродукционен број фактички е повисок и од овој пресметковниот, R0 = 1,48 ± 0,40. Ќе мораме да почекаме стапката на позитивни тестови да престане да расте за да добиеме поверодостојна вредност за R0. Тој застој ќе го најави и приближувањето на пикот, но заради инерцијата ќе треба да почекаме барем уште некое време, сигурно не помалку од една недела.
Утре се навршуваат веќе две недели од донесувањето на (полу)рестриктивните мерки за ограничување на работното време во ноќните часови и обврската за задолжително носење маски на отворено. Како што претпоставивме уште тогаш, поучени од претходното искуство во април и мај, иако од таквите мерки не се очекуваше да го спуштат репродукциониот број R0 под единица, барем се надевавме дека ќе се приближиме до единица. За жал, веќе ја имаме потврдата дека ефектот на таквите полумерки беше занемарлив. Дури ни од ова дополнително скратување на работното време не треба да очекуваме чуда, иако колку-толку би требало да имаат некакво влијание на темпото на епидемијата.
Уште еден доказ дека пикот не е на повидок, покрај високиот R0, наоѓаме на фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на третата слика). Овој природно мазен дијаграм го прави многу очигледно приближувањето на пикот, но моментално ние гледаме само стабилна стрмина, иако одамна поминаа 18-те дена од почетокот на третиот налет на епидемијата. Дури ни прогнозите според моделот (решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата, на четвртата слика) не најавуваат скоро израмнување на црвената крива, т.е. кривата на бројот на активни случаи. Бидејќи со оваа крива е поврзан и бројот на хоспитализирани, забележуваме дека притисокот на болниците ќе продолжи во наредните денови.
Денеска го дознав податокот дека моменталниот број на хоспитализирани од ковид во сите болници, вклучувајќи ги и приватните, изнесува дури 908! Со моменталното темпо на зголемување на овој број за просечно по 40 на ден, болница со големина на „8 Септември“ ќе биде исполнета за само 5-6 дена. Нејасно е дали воопшто ќе профункционира лекувањето на невролошката клиника (каде ќе ги носат пациентите со мозочни удари и изливи?), како и на интернистичката клиника во Скопје. Потребите се сé поголеми, а ресурсите се ограничени. Дури и да се преземат строги рестриктивни мерки, ќе треба да поминат 3-4 дена за да започне да се намалува брзината на заразување и приливот на нови болни во болниците. Затоа мора да се започне со сопирање на време. Да се потсетиме на случајот со бродот „Титаник“, кој поради инерцијата не можел ни да сопре ни да заврти иако сантата мраз била забележана неколку минути пред судирот.
Конечно, последното ѕвоно за тревога ѕвони од починатите. Со вчерашните 24 починати практично се изедначивме со италијанските просечно 800 починати на ден во времето на првиот, мартовски налет на епидемијата (се разбира сразмерно на бројот на жители). Но, после мартовскиот хаос во Италија беа извлечени поуки и сега тамошниот дневен морталитет (број на починати на милион жители) е речиси три пати помал отколку во Македонија.
Така, Италија повеќе ја нема на насловните страни. Сега нејзината неславна позиција ја презеде Чешка, а некаде на Интернет сретнав светска ранг листа (самиот не пресметував ништо) дека според седумдневната стапка на морталитет Македонија вчера се нашла на високата четвртата позиција во светот, веднаш по Чешка, Аргентина и Белгија (иако би ја проверил и Франција)! Е па, што е многу – многу е.