„Да направиме се да ја вратиме довербата во институциите, да бидеме транспаретни и кога се ќе се знае ќе се намали и корупцијата, да немаме предмети што се чуваат во фиоки, да не биде за административна работа граѓаните да бараат заобиколни патишта преку врски, да ги скратиме процедурите, да ги скратиме дискреционите права, да ги скратиме непродуктивните трошоци, туку да инвестираме во развој. Сето ова значи да ги подобриме институциите и да ја вратиме довербата на граѓаните во нив. Знам дека криминалот и корупцијата јадат добар дел од БДП и никој не успеал да ја добие таа битка, но важно е да се намалува корупцијата и таа битка да биде перманетна. Затоа и постои мојата улога, да ги координирам институциите, како царина, финансиска полиција, УЈП и другите, да ги искористиме сите капацитети, да има силна комуникација која недостига, интероперабилноста на самите институции ни е една од првите задачи. И кога сето тоа ќе го испорачаме ќе следуваат и резултатите, а граѓаните ќе бидат сведоци, аргументираше Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и вицепремиер за борба против корупција, во интервјуто на телевизија Стар, објаснувајќи ја својата улога во битката против криминалот и корупцијата.
Според него важно и регулаторните тела како ДКСК или Заводот за ревизија да осетат дека во државата имаат партнери, а истото го очекува и од јавните обвинителства и судовите. Според него, само со организиран настап на сите чинители може да се очекуваат резултати против корупцијата.
-Избработивме нов етички кодекс во кој се вградени многу нови елементи, кој не ги опфаќа само членовите на Владата, министрите, туку и сите други функционери назначени од Владата, а интенција е да важи и на локално ниво, да ги отвирме сите институции. Во Кодексот се пропишани основните принципи на однесување на носителите на јавни функции, обврските, за објавување на сите извештаи за работењето, а неисполнувањето покренува политичка и морална одговорност, нагласи Николовски.