Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници од Здружението за сексуални и родови малцинства “Субверзивен фронт”од Скопје.
На средбата се разговараше за тековните и идни планови и активности на здружението во насока на понатамошна надградба на системот за поддршка и заштита на правата на лицата од ЛГБТ заедницата.
Министерството за труд и социјална политика интензивно соработува со граѓанскиот сектор по сите прашања кои се во интерес на граѓаните и ја продолжува добрата практика на транспарентно и партнерско работење.
Министерката Шахпаска го посочи носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој претходно беше позитивно оценет и од невладиниот сектор од исклучително значење за сите граѓани.
„Овој Закон ги дефинира основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива. Како Министерство остануваме посветени на борбата против дискриминацијата и еднакви права и слободи за сите граѓани,” истакна Шахпаска.
Во соработка со МТСП и Советот на Европа, во 2020 година Здружението “Субверзивен фронт” ја отвори првата национална СОС линија за поддршка на ЛГБТИ лица, чијашто цел е да се обезбеди сигурна, анонимна, и доверлива атмосфера, каде што лицата од ЛГБТИ заедницата можат да разговараат за различни предизвици и грижи, вклучувајќи ја сексуалната ориентација и родовиот идентитет со што се придонесува кон намалување на насилството кон припадниците на оваа заедница.
Министерката Шахпаска уште еднаш ја искажа нејзината поддршка и уверување дека натамошните заложби на ресорот кој го раководи ќе бидат на иста линија со потребите и интересите на ЛГБТ заедницата со цел обезбедување правда, слобода и еднаквост на сексуалните и родови малцинства како составен дел од нашето општество.