Крвникот од Виена со потекло од тетовски Челопек, Кујтим Фејзулаи (20) живеел на државен трошок, во стан кој му го плаќал градот Виена. Иако отслужил затворска казна поради тоа што се обидел да им се приклучи на џихадистите на Исламската држава во Сирија, Фејзулаи сепак во рекорден рок добил субвенциониран стан, пренесува „Кронен Цајтунг“.
Терористот на 11-ти февруари 2020-та година се пријавил во програмата за поддршка на младите граѓани на Виена, а договорот за наем на станот го потпишал на почетокот на мај, иако за таа процедура некои чекаат и со години. Користел стан од 41,9 квадратни метри кој му го плаќале градските власти.
Интересно е тоа што Фејзулаи добивал и социјална помош во висина од 917,35 евра, а тој износ требало од почетокот на декември да биде намален поради недостаток на средства.
Кујтим Фејзулаи, во понеделникот навечер во Виена изврши терористички напад во кој уби четири лица, а одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава, истакнувајќи дека станува збор за „војник на Калифатот“.