Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска оцени дека тензиите околу претседателските избори во САД покажуваат „очигледни пропусти” во американскиот изборен систем и изрази надеж дека кризата нема да доведе до масовни немири.
-Очигледните пропусти на американскиот изборен систем се видливи, што повеќепати беше посочено од меѓународните набудувачи, вклучувајќи ги и ОБСЕ и признатите експерти од оваа област, изјави Захарова.
Американскиот изборен систем, оценува таа, страда од „архаичната природа” на законите и недостатокот на прописи за „голем број основни прашања”.
Захарова,сепак, изрази надеж дека „постојните правни механизми ќе овозможат определување на идниот шеф на државата во целосна согласност со американскиот Устав”.
Таа, исто така, соопшти дека „американските граѓани заслужуваат правилно да им се избројат нивните гласови”.
-Што се однесува до руско-американските односи, Москва е подготвена за конструктивна соработка со американскиот претседател, кој и да биде по изборите, додаде таа.