Бојан Маричиќ денеска не сакаше да коментира кој ќе биде исходот на расправата на Уставниот суд по иницијативата во врска со членот 11 а од Законот за помилување за, како што рече, да не се прави какво било влијание.
-Јас веќе и досега сум имал можност да ги коментирам, меѓутоа не сум ги коментирал судските одлуки. Мислам дека ова е важен процес и дека не би требало да коментирам и прејудицирам кој ќе биде исходот на расправата на Уставниот суд по иницијативата во врска со членот 11 а од Законот за помилување за да не правиме какво било влијание, ниту пак да прејудицираме која ќе биде одлуката не би можел да коментирам. Со тоа не би можел да кажам и каков би бил исходот или какво би било влијанието на судските постапки, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека за Владата најважна е правдата, правната држава и владеењето на правото како принцип.
-Ние ги консултираме за сите овие прашања и експертите по уставно право и експертите по кривично право и верувам дека во наредниот период ќе имаме одлука или некаков вид на изјаснување на Уставниот суд која што ќе ја расчисти оваа ситуација, додаде министерот за правда.
Прашан за спорот кој пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур го покренаа дел од обвинетите во случаите на СЈО, а кои претходно беа аболицирани од страна на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кој пак потоа ја поништи аболицијата, министерот рече дека тимовите на Владата активно работат на подготовка на стратегијата и дека во предвидените рокови ќе го изнесат нивниот став пред јавноста.
-Затоа мислам дека не е воопшто соодветно јавно да ги коментирам ниту нашите ставови, ниту нашата стратегија. Можам да ви кажам само дека тимовите на Владата активно работат на, да речам, подготовка на таа стратегија и на нејзина имплементација и мислам дека во предвидените рокови, сигурен сум, ќе го изнесеме нашиот став и јавноста ќе знае навремено пред да го известиме Судот во Стразбур околу нашиот став и околу нашите конечни одлуки поврзани со овој случај, како и околу нашата стратегија како понатаму во овој случај. Меѓутоа, државата е странка во постапката за овие случаи и како странка во постапката би било крајно несериозно ниту пак одговорно, а од друга страна веројатно би било и штетно да ги изнесуваме нашите ставови и нашите стратегии пред тие да бидат целосно изградени и пред за тоа да бидеме подготвени да го известиме Судот, појасни министерот за правда.
Тој додаде дека за стратегијата ќе ја известат јавноста кога ќе имаат конечни ставови и дека активно работат од првиот ден откога ги добиле апликациите.
Уставниот суд утре треба да расправа за тоа дали аболицијата на поранешниот претседател Иванов и нејзиното поништување се во согласност со законските норми.