Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, денеска напладне ќе излезат со соопштенија за справување со епидемијата, ќе одговараат и на новинарски прашања, а веројатно е дека ќе биде воведен карантин во цела Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во синоќешното интервју за грчката телевизија „Антена” откри дека препораката на Комисијата на епидемиолози до Владата „е lockdown во целата земја за следниот месец”, додавајќи дека премиерот „очигледно ќе ја земе предвид оваа препорака”.
Според медиумите во Грција, се очекува Мицотакис денеска да го соопшти планот за целата земја, според моделот воведен во Солун во вторникот, односно целосен карантин со полициски час, без при тоа да бидат затворени основните училишта.
Се чини дека одлуката за нов, втор карантин била донесена вчера попладне со оглед на тоа дека само неколку часа претходно, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас говорејќи во утринската информативна емисија за грчката телевизија „Open” ги отфрли шпекулациите за воведување целосен карантин во областа Атика.
Завчера пак, рече дека Владата се подготвува и за најлошото сценарио.
Грчкиот премиер во саботата преку телевизиска порака до граѓаните соопшти мерки за неколку грчки региони и повтори дека „целосен lockdown е последниот чекор, што ќе ги погоди економијата и општеството”.
Мицотакис пред еден месец за време на неговото учество на „Athens Democracy Forum 2020″ во дискусија со израелскиот професор, писател и историчар Јувал Ноа Харари го изрази мислењето дека „постои општ договор меѓу европските земји, дека е многу тешко, речиси невозможно да одиме на втор целосен карантин”.
Од вторникот, градовите Солун и Серес се во целосен карантин, во цела Грција е воведен полициски час од полноќ до 5 часот наутро, а Атина и северниот дел на земјата се во мини карантин.
Веќе втор ден по ред, бројот на нови случаи на Ковид-19 во Грција е над 2.000, со оглед на тоа дека вчера беа регистрирани 2.646 новозаразени, што е рекорден број за земјата на дневно ниво, меѓутоа од ден на ден драстично се зголемува бројот на хоспитализираните пациенти кои се приклучени на апарати. За само една седмица бројот се зголеми од 108 на 179 лица.
Грчките болници располагаат со 1.013 кревети на Одделите за интензивна нега, од кои 348 се за пациенти со Ковид-19 и 63 отсто од нив веќе се исполнети.
Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, слободни се 28 отсто од Ковид-креветите, а во Солун 30 проценти.
Од почетокот на епидемијата, во Грција, регистрирани се 46.892 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 673 лица.