Напладне ќе продолжи собраниската расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде нов судија во Уставниот суд

Собранието денеска втор ден ќе расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Претседателот на Собранието Талат Џафери за напладне го закажа продолжението на 20. седница.

Со свирежи во салата и транспарент „Кацарска извршител на мафијата”, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера изразија револт против предлогот на Судскиот совет, Кацарска да биде избрана за уставен судија.

Ова е уште еден доказ, обвинија опозициските пратеници, дека продолжува мешањето на извршната во судската власт и дека премиерот Зоран Заев продолжува на дрзок и манипулативен начин да ги наградува послушните судии.

Пратениците од СДСМ го бранеа предлогот потенцирајќи дека опозицијата зборувала се, но не и за она што значи вистинска независност на судството, како и дека не можат да се оттгрнат од политичката пресметка со претседателот на Владата, Зоран Заев.

На дневен ред на 20. седница се измените на Законот за приватно обезбедување, измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар, измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, сите во прво читање.

Доколку Комисијата за финансирање и буџет ги разгледа, Собранието би можело да расправа и за предлозите на законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка.

На дневен ред се и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлог на закон за изменување на Законот за работните односи и Предлог на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.

Треба да знаете
Последни објави