Советот и Парламентот на ЕУ постигнаа преоден договор, по месеци преговори, со кој ќе се услови користењето на буџетот на Унија со почитување на принципите на владеење на правото, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова прашање беше главен камен на сопнување помеѓу двете институции во преговорите за повеќегодишниот ЕУ буџет 2021-2027, кој сѐ уште не може да стапи на сила, на помалку од два месеца до крајот на годината.
Утрово германското претседателство соопшти дека преговарачите од Советот и Парламентот на ЕУ конечно постигнале преоден договор денеска.
-Ова е важен чекор во нашите напори да го финализираме идниот долгорочен буџет и пакетот за закрепнување. Новиот механизам на условеност ќе ја зајакне заштитата на ЕУ буџетот кога нарушувањата на начелата на владеењето на правото доведуваат до злоупотреба на ЕУ фондовите, изјави Михаел Клаус, амбасадорот на Германија при ЕУ.
Европскиот Парламент инсистираше да биде вграден принципот на условеност на буџетот со владеењето на правото од самиот старт на преговорите. Со овој преоден договор би требало да се расчисти патот до усвојување на седумгодишниот буџет на Унијата како и на Пакетот за економско закрепнување во текот на овој месец. тм