– Нови 1192 случаи со Ковид-19 од 3211 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се 22 пациенти од кои осум од Скопје (78 г., 78 г., 61 г., 60 г., 81 г., 70 г., 84 г. и 51 г.), двајца од Штип (80 г. и 80 г.), еден од Прилеп (65 г.), двајца од Тетово (41 г. и 66 г.), двајца од Велес (75 г. и 57 г.), двајца пациенти од Битола (71 г. и 66 г.) и двајца од Охрид (54 г. и 73 г.), еден од Гостивар (72 г.), еден од Крушево (81 г.) и еден од Пехчево (53 г.).
Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 35097, бројот на оздравени пациенти е 22024, на починати е 1071, а бројот на активни случаи изнесува 12002.
Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се 844 пациенти од кои 130 се на кислородна поддршка, а двајца се на респиратор.
Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Сите државни лаборатори располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање.
Сите интерни клиники во рамки на Клиничкиот центар, како што информираа од Министерството за здравство, се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа. Обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е подготвен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се со Ковид.
Во Институтот за белодробни заболувања веќе има ковид пациенти, а на располагање се и останатите интерни клиники. Дополнително околу 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните клиники со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа, посочуваат од Министерството.
Во рамки на напорите за спречување на ширењето на Ковид-19, Владата донесе нови мерки меѓу кои се и тие кои се однесуваат на скратување на работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна.
Оваа одлука, како што појасни на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски, важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се хотелските ресторани за гостите сместени во хотелите.
Донесена е и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот и домашните и странски граѓани по 21 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби. Се препорачува граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица што не живеат во иста заедница.
Граѓаните задолжително треба да носат маска во затворен простор и на отворено. Носењето маска на отворено има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.