Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас соопшти нов пакет мерки во висина од 3,3 милијарди евра за поддршка на вработените и сопствениците, чии бизниси ќе бидат затворени поради вториот карантин. Дел од мерките, претходно ги најави и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што е онаа за вонредна помош од 800, наместо 534 евра за оние кои се на принуден одмор пред 4 ноември.
Вработените и бизнисите кои принудно прекинуваат со работа, имаат можност да го одложат плаќањето на даночните долгови.
За бизнис активности затворени по наредба на властите, до крајот на април следната година се одложува плаќањето на ДДВ-то за месец ноември и може да се исплати на 12 рати без камата или на 24 рати со камата од 2,5 отсто доколку е по мај 2021 година.
Бизнисите имаат право и на задолжително намалување за 40 отсто на киријата за нивните деловни простори.
Предвидено е и проширување на листата на бизнисите што можат да бидат финансирани преку т.н. „отплатен аванс”, односно финансиска помош за зајакнување на ликвидноста на бизнисите и може да добијат најмалку 2.000 евра.
Продолжено е до крајот на годинава и одложувањето на исплаќањето на ратите во банките.
Во однос на невработените, сите надоместоци што истекоа и истекуваат во септември, октомври, ноември и декември се продолжуваат за два месеци, а ќе се додели и финансиска помош од 400 евра за сите долгорочно невработени.
Конкретната мерка се однесува на 130.000 лица.