Вечерва во терминот од 18:55 часот се одиграа првите натпревари од третото коло во групната фаза од Лигата на Европа.
За нас најинтересен беше натпреварот кој се одигра на „Рујевица“ каде што Ријека на Дарко Велковски го пречека Наполи на Елиф Елмас. Двајцата македонски репрезентативци беа стартери во своите тимови, со тоа што Велковски ги одигра сите 90 минути во одбраната на Ријека, додека Елмас беше заменет во 59 минута.
Домаќините одлично го започнаа натпреварот откако Муриќ во 13. минута од мечот ја доведе Ријека во водство по асистенција на Куленовиќ. Сепак, до крајот на првото полувреме Наполи успеа да се врати во игра преку голот на Дем. Конечниот резултат беше поставен во 62 минута кога Браут си постигна автогол. Со оваа победа Наполи дојде до нови три бода и сега има вкупно шест и е на врвот на табелата, додека Ријека е на последното место без ниту еден освоен бод.
Рома во Рим го пречека тимот на Клуж и на крајот славеше убедлива победа од 5:0. „Волчицата“ го одигра мечот во комбиниран состав, но тоа воопшто не беше проблем за домаќините.
Веќе во втората минута Мхитарјан ги доведе Римјаните во водство, а во 24. минута резултатот беше 2:0 по голот на Ибањез. Десет минути подоцна Борха Мајорал зголеми на недостижни 3:0. Конечниот резултат беше поставен во последните пет минути од мечот, кога најпрво Мајорал со својот втор гол зголеми на 4:0, а Педро во 89 минута ги постави конечните 5:0. Со оваа победа Рома се искачи на врвот со седум освоени бода, додека Клуж е втор со четири.
Тотенхем исто така забележа лесна победа на гостувањето во Бугарија кај Лудогорец. Избраниците на Мурињо тргнаа убедливо уште на стартот. Хари Кејн го отвори резултатот во 13 минута по асистенција на Лукас, а 20 минути подоцна Англичанецот му возврати со асистенција на Бразилецот.
Тотенхем можеше да поведе уште поубедливо, но не искористи неколку шанси. Казната дојде во 50. минута кога Кесеру намали на 1:2. Сепак, Спарси не дозволија никакво изненадување, па Ло Селсо во 62 минута ги постави конечните 1:3.
Интересно беше и во Лисабон каде што Бенфика и Ренџерс одиграа 3:3, Баер Леверкузен славеше кај Хапоел Бир Шева со 2:4, Лех го совлада Стандард со 3:1, а ПАОК во Солун го демолираше ПСВ со 4:1. Гранада славеше со рутинирани 0:2 кај Омонија, Сиваспор беше подобар од Карабах со 2:0, Реал Сосиедад со минимални 1:0 го совлада Алкмар, Славија Прага со 3:2 славеше против Ница, а Рапид Виена со 4:3 славеше против Дундалк.