Премиерот на Шведска, Стефан Лофвен, објави дека е во самоизолација откако дознал дека нему блиско лице имало контакт со лице за кое подоцна било потврдено дека e позитивно на коронавирус.
Лофвен рече дека нему блиско лице, чиј идентитет не е откриен, отишло на тестирање и дека тоа е негативно, но дека тој и неговата сопруга, по совет на лекар, ќе бидат во самоизолација.
„Работам од далечина. Се чувствуваме добро и немаме никакви симптоми”, напиша тој на „Фејсбук“.
Тој и неговата сопруга ќе бидат тестирани за коронавирус што е можно поскоро, додаде тој.
Во Шведска, според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“, потврдени се 134.532 случаи на коронавирус и речиси 6.000 смртни случаи.