Поради загрижувачкото ширење на коронавирусот во Данска, особено на фармите за одгледување куни, Велика Британија воведе задолжителна самоизолација за сите патници кои доаѓаат на островот од таа земја.
– Патниците што доаѓаат во Велика Британија од Данска од денеска во 4 часот наутро, мора да одат во самоизолација 14 дена во согласност со законот за ограничувања што моментално е во сила во нашата земја. Оваа мерка е подеднакво во интерес и на луѓето кои моментално се наоѓаат во Данска и граѓаните на Велика Британија. Поради тоа итно реагираме за да ја заштитиме нашата земја и да спречиме ширење на коронавирусот од Данска, изјави министерот за транспорт на Велика Британија, Грант Шапс.
Данските власти вчера објавија нови рестриктивни мерки за северот на земјата, каде беа откриени случаи на мутиран коронавирус кај популацијата на канадски куна, кои масовно се одгледуваат поради нивното крзно.
Владата на Велика Британија воведе ограничувања и за патниците кои пристигнуваат од Германија и Шведска.