Државната комисија за спречување на корупцијата ја запре постапката по предметот на претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски за набавка на службено возило во вредност од 40 илјади евра, бидејќи по добиените информации се утврдува дека јавната набавка е целосно законска и не може да се утврдат никакви неправилности.
Членот на ДКСК Нури Бајрами, кој го елаборираше предметот, посочи дека иако не може да се утврдат сомневањата, сведоци сме и тоа го покажува ревизорскиот извештај, дека во судовите фалат многу други поважни работи, отколку скапите возила.
– Бидејќи не можеме да изречеме друга мерка, би издводил само дел од ревизорскиот извештај, како што е тоа, дека просторните услови не ги задоволуваат потребите за нормално функционирање на судовите, недоволен број на простории за чување на архивираните предмети, една третина од судовите ги немаат осигурено објектите и опремата, фали и многу друга техничка опрема за аудио снимање на рочиштата и ред други слабости, изјави Бајрами.
Во однос на предметот Шпанско село 2 – за евентуална поврзаност на министерот за здравство Венко Филипче и семејството на неговата сопруга, на директорот на Синерџи медикал Горан Филипов, како ко-сопственици на имотот во Нерези, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска посочи дека се чекаат информации од општина Карпош за предметот по што комисијата ќе се произнесе.
Со овој предметот е поврзано и работењето на Илир Цани – сега актуелен заемник министер меѓутоа поранешен директор на јавната здравствена установа поврана со случајот, и дека е поврзан со Синерџи Медикал.
– Средствата за инвестиции во објекти и опрема во Јавни здравствени установи се обезбедуваат од буџетот на Министерството за здравство, но техничките спецификации и документи клиниките сами ги изработуваат, без учество на министерството. При оцена на прифатливоста на понудите не учествувале вработени во министерството, ниту министерот, изјави Ивановска.
Извршен е увид во електронскиот систем за јавни набавки, посочи таа, при што констатирано е дека во периодот 2018 до 2020 година министерството за здравство доделило 122 договори за јавна набавка во име на други здравствени установи, додека економскиот оператор Синерџи медикал во истиот период склучил 129 договори за јавна набавка со јавни здравствени установи ширум републиката, што укажува дека овој економски оператор во континуитет добива договори.
– По извршен увид во тендерската документација на клиниката, се утврди дека техничките документации и критериумите од тендерската набавка се изработени согласно закон. Од страна на клиниката спроведен е технички дијалог, а евалуацијата на понудите е согласно законските одредби. Од тој аспект не успеавме да најдеме ништо незаконски во тендерските постапки, изјави Ивановска.
Во однос на градежните плацови, поднесено е барање до општина Карпош инспектори да излезат на терен и утврдат дали и како се гради на тоа земјиште, за што ќе биде известена јавноста по добивање на информации.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, која исто така елаборираше за постапката по сопствена иницијатива во однос на склучените договори од Општина Центар со фирми за изработка на ДУП по цена од еден денар за метар квадратен, рече дека треба да се отвораат 16 очи при склучување на ваквите договори за јавни набавки поради можноста вака ниските цени потоа да се надоместуваат на коруптивен начин.
– Имајќи ја предвид вредноста на договорот од еден денар за метар квадратен сакаме да укажеме дека ризиците кои ги констатираме во овој случај. Општината, не располагала со адекватни правни механизми за наплата на штета и постои ризик од ненавремено и соодветно извршување на договорот и се доведува во прашање квалитетот на договорот, изјави Ивановска.
Потсети, дека оваа јавна набавка се однесува за изработка на план за земјиште за продажбата на просторот спроти Холидеј Ин.
– Уште тогаш порачавме и дадовме препорака будно да се следи подготовката на планот, дотолку повеќе што постои сериозен ризик при вака евтина цена за изработка на планот, вистинската цена на економскиот оператор да ја надоместат нарачателите на планот, а тоа се сопствениците кои го купија тоа земјиште, изјави Ивановска.
ДКСК на денешната 40-та седница разгледа повеќе предмети, меѓу кои поднесени од укажувачи, граѓани или отворени на сопствена иницијатива.