Доктор Дејан Трајковски на Фејсбук објави уште една анализа на сегашната состојба со заразени и починати од Ковид.
„Навистина изненадувачки, епидемијата успева да држи забрзан чекор после цели 6 недели од почетокот на третиот налет. Да не беше така, базичниот репродукционен број до сега ќе беше спуштен близу единица, како во летните месеци. Но, сега е веќе доцна есен, сезоната на респираторните инфекции, па ваков развој на настаните можеби требаше да се очекува. Ако направиме споредба со јужната хемисфера, тамошниот максимум беше постигнат во јули, што е еквивалент на јануари на северната хемисфера. Значи, назад ни е зимата и имаме уште прилично пат за одење. Единствена надеж дава некаков делумен, привремен колективен имунитет, бидејќи (за разлика од земјите на јужната хемисфера) на северната хемисфера пандемијата имаше силно темпо многу подолго време. Но, тоа засега останува само во доменот на шпекулациите.
Денеска за прв пат ќе го видиме дијаграмот на бројот на хоспитализирани, заедно со бројот на активни случаи (на втората слика). Временската серија за хоспитализираните ја добив од луѓето од treker.mk, за што им должам голема благодарност. На дијаграмот убаво се гледа дека бројот на хоспитализирани многу блиску го следи бројот на активни случаи, со многу висок коефициент на корелација r=0,96. Бидејќи бројот на активни случаи секогаш се зголемува кога базичниот репродукционен број R0 е поголем од единица, секому треба да му стане јасно (а најмногу на нашите здравствени власти) дека без намалување на R0 и забрзувањето ќе имаме секојдневен нето пораст на бројот на хоспитализираните. Последниве 15 дена просечниот нето пораст (вишокот на нови хоспитализирани над бројот на испишани и починати) изнесува 35 пациенти на ден, со тенденција на пораст. Јасно е дека новододадените 200 постели во болницата „8 септември“, како и 200 постели во останатите клиники (ако воопшто успеат да ги ослободат и прилагодат за лекување на ковид пациенти) ќе бидат пополнети за околу 11 дена. Дури, ако по некое чудо успеат да обезбедат нови 1000 постели, по цена на загрозено лекување на многу нековид болни, капацитетите ќе бидат исполнети најдоцна во рок од 28 дена. Поверојатен е некој среден рок од дваесетина дена, но времето тече и тој ден ќе дојде многу бргу. Ако не успеале за цело лето да оспособат 16 монтажни болници по градовите, како сега за три недели ќе оспособат 1.000 постели?
Секојдневно читаме за сé помногубројни случаи на пациенти за кои немало место во болнците. На Инфективна клиника во Скопје веќе 131 од 158 пациенти се на кислородна поддршка, односно дури 83% од пациентите се во прилично тешка, иако не и во критична состојба. Здравствениот систем кашла и трокира веќе извесно време, како некаков мотор пред гаснење.
Во ваква ситуација, еден сериозен локдаун (не мора да биде со полициски час) станува сé поизвесен. Како што најави директорот на ИЈЗ Караџовски, тоа ќе биде сторено кога здравствениот систем дефинитивно ќе се распадне, а веќе гледаме дека со секој изминат ден сме сé поблиску до таа точка од која нема враќање.
Кога сме веќе кај статистиката на хоспитализираните, во табелата на третата слика можеме да видиме неколку нови податоци, од кои најзагрижувачки е оној што се однесува на стапката на починати од сите лекувани во болниците (29,2%). Затоа не треба да им посакаме да се разболат ниту на оние коишто не веруваат во вирусот, а камоли да завршат на болница. Подобро нека ги сфатат овие бројки како последна опомена и да се вразумат додека не биде доцна.
Конечно, на дијаграмот на четвртата слика го следиме растот на дневниот број на починати. Слично како и бројот на нови случаи, веќе и дневниот и вкупниот број на починати бележат експоненцијален раст. Вкупниот број на починати веќе се дуплира за 82 дена. Ако продолжи со ова темпо, до пролетта вкупниот број може да достигне 2000 починати.
Тоа е цената на чекањето и ненавременото преземање активни мерки за справување со епидемијата. На повидок засега нема ништо ново и добро.