Претседателот Стево Пендаровски ја прими министерката за култура на Република Северна Македониjа, Ирена Стефоска.
На средбата, министерката Стефоска го информираше претседателот Пендаровски за тековните активности и приоритети на Министерството, за актуелната состојба во јавните установи од културата и потребата од институционални реформи со цел доследно спроведување на концептот на отворени институции.
Во таа насока, беа разгледани и можностите за реализација на нови иницијативи во културата и уметностa, со коишто ќе се воспостави мост помеѓу културното наследство и современите културни практики.
Соговорниците разменија мислења и за можните начини да се помогне на сите културни работници во справување со последниците предизвикани од пандемијата на КОВИД-19.
Претседателот Пендаровски од своја страна истакна дека од голема важност, и покрај сите предизвици, е да се одржи културната интеграција и духот на творештво и креативност, преку прилагодување на културните манифестации согласно новите правила кои ги наметна пандемијата.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка за создавањето на независен културен простор и негово јакнење, преку спроведување на развојни културни политики, како и поддршка во унапредување на културната димпломатија, a со цел афирмација на културното наследство на нашата држава во регионот и пошироко.