Пратениците трет ден ќе расправаат дали Кацарска да биде избрана за уставен судија

Пратениците денеска трет ден ќе расправаат за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд.

Вчера, пленарната седница беше прекината нешто пред 18 часот, а претседателот на Парламентот Талат Џафери го закажа продолжението на седницата за денеска во 12 часот.

Изминатите два дена поминаа во меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. Опозицијата смета дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и дека оваа позиција ја добива како награда за послушноста кон власта. Пратениците од опозицијата побараа предлогот да биде повлечен.

Пратениците од партиите на власт, пак, го бранеа предлогот, забележувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има најмалку право да говори за независно судство бидејќи, како што посочија, во време на нивното владеење, судството било донесено до најниското можно ниво.

Предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија доаѓа од Судскиот совет. Таа треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен.

На дневен ред на седницата се ставени и неколку законски решенија кои прво треба да ги разгледа Комисијата за финансирање и буџет. Такви се законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка.

На дневен ред се и Предлог-законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи и Предлог-законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.

Треба да знаете
Последни објави