Денес, 6 ноември 2020 година, во Скопје, Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо-сесија за покренување на дијалог за измени на Законот за вршење на сметководствени работи. Главната цел е да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат сметководствените компании и дефинирање на конкретни предлози и решенија за подобрување на регулативата и условите за вршење на сметководствената дејност.
Сметководството како професија во развојот на економијата на една земја е од непроценливa важност. Сметководството е основа за изготвување на финансиските извештаи за компаниите што е од големо значење како за корисниците на услугите така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Од круцијално значење за целиот економски систем е да се воспостави ред во фелата, во спротивно податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, а ќе се зголемат условите за цветање на даночната евазија и сивата економија.
„Во една ваква неповолна клима за развојот на професијата за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите кои ги носи професијата од друга страна. Сметководството е нервниот систем на една економија, а сепак професионалците кои секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности: ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл. Потребно е да се преземат низа мерки од надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во пракса постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законски одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од сметководствените извештаи и од законски формираната институција која треба да ги обедини сметководителите и овластените сметководители и да се грижи за нивните интереси“ истакна сметководствениот експерт Благоја Грозданов.
Со конкретните решенија предложени од сметководствените компании значајно може да се подобрат условите за работа во овој сектор, а предлозите ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог.
Оваа инфо-сесија се одржа во рамките на активностите на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој го спроведуваат Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на северозападна Македонија, со ЕПИ ЦЕНТАР како имплементатор, а со поддршка на УСАИД.