Услугите на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ по електронски пат преку мобилната апликација и веб платформата www.poc.mk. ги користат 10.000 граѓани.
„ЈП ПОЦ е првото јавно претпријатие во земјата кое целосно се дигитализираше и оваа бројка денес ни покажа дека инвестицијата во технологијата е вистинскиот чекор кон подобрување на квалитетот на нашето работење. Со целосната дигитализација на претпријатието секојдневно им овозможуваме на нашите корисници брзо, лесно и едноставно користење на услугите кои се достапни само со еден клик, од било кој уред, на било кое место и во секое време“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.
Повеќе од една година корисниците на веб платформата и мобилната апликација на ЈП ПОЦ имаат можност по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти и да извршат електронско плаќање со платежна картичка. Регистрираните корисници добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот. Исто така, корисниците можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и плаќање на истите преку платежна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман.
Мобилната апликација нуди и дополнителни можности за користење на услугите како: безбедна активна геолокација за прецизна одредба на паркинг зоната, пријавување на комунални проблеми на територија на Општина Центар со прикачување на фотографија и многу други поволности.
Сите жители на Општина Центар кои ќе ја симнат мобилната апликација, добиваат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на М-картата, а граѓаните од останатите општини добиваат два часа бесплатен паркинг на паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.