Со делењето на 150 пакети со хигиенски и прехранбени производи на семејствата со висок социјален ризик, заврши одбележувањето на „Деновите на Општина Центар“. Општина Центар и невладината Банка за Храна Македонија секој месец на 150 семејства со висок социјален ризик, во соработка со маркетите Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак и Гранап, им делат пакети со основни намирници, кои на овие семејства им се најпотребни.
Во рамки на одбележувањето на „Деновите на Општина Центар“, а врз основа на претходно утврдени критериуми, општината додели вкупно 100 стипендии на ученици од општинските основни училишта во неколку области – наука, култура и спорт.
“Затоа што сите деца се важни и секое дете има право на пристап до квалитетно образование, дополнително, со годишни стипендии поддржавме и наши ученици кои доаѓаат од семејства со висок социјален ризик“, додаде градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Со цел овозможување на пристап до квалитетен и безбеден процес на образование во време на пандемија на КОВИД 19, Општина Центар, во соработка со неколку општествено-одговорни компании, на општинските основни училишта им донираше 60 преносливи компјутери наменети за полесно одржување на онлајн наставата.
Општина Центар како досега, ќе работи на подигнување на квалитетот на образованието и ќе ги поддржува своите ученици во нивните идни животни предизвици и подвизи.
По повод роденденот на Општина Центар, 3-ти ноември, со почитување на сите мерки од надлежните институции, како знак на општествено признание за особени постигнувања во областите на стопанството, уметноста, образованието и други области од трудот и творештвото, општината и оваа година ја додели наградата Феникс.
Добитници на наградата се: Кристина Неделковска, за постигнувања во спортот – бодибилдинг, Катерина Ќетковиќ Фидановска, за постигнувања во образованието, Ксенија Серафимовска, за постигнувања во природните науки, Леонид Петрески, за постигнувања во шахот, Тијана Огњаноска, за постигнувања во природната наука – биологија и Лука Дворник, за постигнувања во спортот – пинг-понг. Наградените добија дипломи и пригодни парични награди.
Општина Центар, под мотото: Хумана, Одговорна, Отчетна и Зелена – општина по терк на граѓаните, од 2.11. до 6.11. ги одбележува „Деновите на Општина Центар“.