Пратениците на денешната седница го завршија претресот за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.
Во салата немаше доволен број пратеници ниту за гласање за другите точки на дневниот ред, така што Џафери во договор со координаторите на пратеничките групи ја прекина седницата и побара во 15 часот да има кворум за нејзино продолжување.
Инаку, пратениците денеска трет ден расправаа за предлогот за избор на Кацарска за судија во Уставниот суд. И денеска опозицијата со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа бараат предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владеачкото мнозинство, во одбрана на предлогот за нејзиниот избор, потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев меѓу другото нагласи дека согласно Уставот, функцијата член на Судскиот совет е неспоива со вршење други јавни финкции и професии или членување во политички партии, оттука, според него, се наметнува прашањето дали ова само по себе е неуставно и контрадикторно. Според него, Кацарска не е ниту морално, ниту етички соодветна да биде уставен судија.
– Зошто токму Добрила Кацарска заслужува да биде избрана за уставен судија? На ова прашање ниту ние како пратеници, ниту јавноста не доби одговор. Зошто Киро Здравев, прв човек на Републичкиот судски совет не дава ниту образложение, ниту информации за кандидатот. Господине Здравев вие одговарате во Собраниете, зошто во Собранието сте избран за таа функција. Се надевам дека грешам, но ќе кажам не очекувам да не удостоите со одговор, со информации и образоложение за предлогот за Кацарска, рече меѓу другото Јанушев.
Јанушев, напомена дека Киро Здравев е избран за Апелацискиот суд во Штип во време на СДСМ, а за судија во Врховен суд кога на власт пак е СДСМ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски смета дека Кацарска е најлошиот кандидат што може да се предложи. Тој побара слобода за, како што рече, чесните патриоти кои невини се осудени на 300 години казна.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник смета дека предлогот за Добрила Кацарска да биде уставен судија претставува награда за неа затоа што таа помогнала да се промени уставното име на Република Македонија.
– Ако може убиецот на Ангел од Ѓорче Петров да му се скрати казната и да биде пуштен на слобода, веднаш да го направите тоа со Врховниот суд и да бидат ослободени чесните патриоти. Знаете дека немате кворум, јас ќе ви помогнам, ослободите ги луѓето и јас ќе гласам против себе зашто ова не е ништо друго освен сува политика, рече тој.
Пратеничката Рашела Мизрахи рече дека има сведочење од обвинител оти Кацарска влијаела на судски постапки, што е спротивно на законот и што е основ за разрешување, а не за наградување. Според неа, Кацсрака е судија за која народниот правобранител утврдил прекршување на законите и за која Комисијата за заштита од дискриминација во два наврати постапувала за незаконитост и за прекршување на основните човекови права.
Пратениците продолжија со расправа и по законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година и по Дополнувањето на законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка. Расправата заврши и за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка.
Најавена е и расправа и по Предлог-законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи и Предлог-законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.