Играчите прифатија новата сезона во НБА-лигата да почне на 22 декември

Играчите (НБПА) го одобрија планот за започнување на новата кошаркарска сезона во НБА-лигата на 22 декември. Планот вклучува намален распоред од 72 натпревари за сите екипи, што им го отвора патот на Лигата и Унијата да ги финализираат деталите за сезоната 2020-2021.

Оваа вест е охрабрувачка и за репрезентациите кои планираат да учествуваат на Олимписките игри, бидејќи сезоната ќе заврши пред почетокот на најголемиот спортски настан кој треба да се одржи во Токио (Јапонија), така што националните селекции ќе можат да сметаат на своите играчи од НБА.

Според „ЕСПН“, НБА и НБПА планираат да разговараат за отворање на преодниот рок што е можно побрзо после драфтот (18 ноември), додека отворањето на камповите за тренинг би стартувало на 1 декември.

Лигата и играчите сè уште преговараат за финансиските услови на изменетиот колективен договор, бидејќи приходите од кошарката минатата сезона паднаа за 1.500.000.000 долари поради пандемијата на коронавирусот.

Треба да знаете
Последни објави