Владиниот кол центар којшто беше воспоставен во време на техничката Влада во Северна Македонија од Кабинетот на тогашната вицепремиерка за економски прашања Мила Царовска освои награда за јавна администрација во Западен Балкан. Натпреварот го организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА), со цел да им даде признание на институциите од Западен Балкан за важноста, брзината и инвентивниот одговор во време на глобална пандемија во категориите: Дигитална влада, е-Здравје, е- Економија, е-Учење и Социјална иновација. Северна Македонија, Србија и Албанија се наградени во категоријата Дигитална влада.
Сегашната министерка за образование и наука и поранешна вицепремиерка за економски прашања Царовска во обраќањето на денешната церемонија по повод доделувањето на наградите истакна дека Кол центарот беше воспоставен во исклучителни околности кога државата освен што се соочуваше со пандемијата, имаше и техничка Влада.
„Граѓаните и компаниите во услови кога секојдневно се носеа нови мерки и уредби имаа потреба од точно и брзо добивање на информации за сите промени и за поддршката што им ја нуди државата. Ефикасен одговор на овие барања беше воспоставување на Кол центар со агенти од јавната администрација. Огромна благодарност за бизнис секторот и стопанските комори со чија поддршка го воспоставивме овој центар. Ова е доказ дека синергијата и дијалогот помеѓу државните институции мора да продолжи во интерес на сите граѓани”, рече Царовска.
Во функционирањето на контакт центарот беше почитувана препораката за работа од дома. Во работата на кол центарот беа ангажирани 70% од вработените во Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања. Исто така, во одговарањето на повиците се вклучија и вработени од 7 други институции.
Од почетокот на работењето, од 6 април до 22 јули, беа реализирани вкупни 10,695 повици. Тој беше правовремена поддршка на граѓаните и компаниите во искористувањето на придобивките на трите пакети економски мерки на Владата. Кол центарот овозможи поедноставно да се реализираат инвестиции во вредност од околу 550 милиони евра или 5,5% од БДП и тоа е неговата неспорна вредност.
Иницијативата за воспоставување на владин кол центар потекна од Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а беше донација од компанијата Asseco.