Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ, на маргините на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Анталија, Турција.
На средбата соговорниците ги реафирмираа заемните заложби за одржување континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
Со особено внимание и задоволство беа разгледани конкретните проекти и зголемената динамика во регионалната соработка, како во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, така и во пресрет на одржувањето на самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој во склоп на берлинскиот процес ќе се одржи во Софија, идната недела.
„Ние, земјите од регионот имаме заедничка цел, обединување под капата на ЕУ. Развој на односите и соработката во регионот претставуваат дополнителен поттик за реализација на европската перспектива, но и автеничен извор на стабилност и предвидлива иднина, што е основен интерес на секоја земја од регионот” нагласи министерот Османи.
Соговорниците ја нагласија и досегашната одлична соработка меѓу двете држави, како и последната одлука на премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија за отворање на границите за непречен проток без потреба од приложување на тестови, почнувајќи од 10 ноември 2020 година.