Критики до грчката Влада за начинот на кој се справува со вториот бран од пандемијата со Ковид-19, упати лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас на денешната прес конференција во пресрет на тринеделниот карантин што почнува утре, и му порача на грчкиот премиер, ако не може сам да се справи, да свика лидерска средба.
-Грција не е шампион во справувањето со пандемијата, како што Владата континуирани се фали. Грција во последните месеци, би рекол, дека е во особено лоша ситуација. А господинот Мицотакис и Владата добро го кријат тоа, рече Ципрас.
Лидерот на СИРИЗА рече дека за време на првиот бран и првиот карантин Владата добила поддршка од нив, но сега, „Мицотакис по втор пат става клуч на земјата за да ја ограничи штетата што самиот ја предизвика и продолжува да се преправа дека е спасител”.
-Ако господинот Мицотакис не може, ако реалноста го надминува, отворено да каже. Да свика лидерска средба под претседателката на земјата и да побара помош од сите од нас. А не да продолжува со пропагандата, додека пак тој е оној што не фрли на работ. Да не глуми спасител, истакна Ципрас.
Паралелно презентираше податоци, според кои, како што објасни, во однос на бројот на направени тестови, Грција е во полоша позиција споредбено со другите земји од ЕУ и има драстично зголемување на бројот на нови случаи.
-Грција има 13 пати повеќе случаи од јуни до денеска. Односно говориме за ситуација вон контрола. Но не е вон контрола од вчера, туку веќе неколку дена, истакна лидерот на СИРИЗА.
Се осврна на сето она што Мицотакис и Владата не го направиле во изминатиот период, како пример споменувајќи дека не вработиле лекари и болничари, не се погрижиле за зајакнување на јавниот превоз, не додале нови кревети на Одделенијата за интензивна нега, „не го отворија туризмот со безбеден план и јасни здравствени протоколи за влез на посетители во земјата, не донесоа никаква заштитна мерка за отворање на училиштата, напротив го зголемија, наместо да го намалат бројот на ученици во одделенијата”.
-Што направи сите овие месеци? По првата фаза, задоволен од самиот себе соопшти дека целосно го победи коронавирусот, испраќајќи им на граѓаните лажна порака на спокојство и враќање во нормала. Одбра, наместо да ги преземе неопходни мерки со одговорност на државата, постојано да повторува за индивидуална одговорност, особено насочувајќи се кон младите. Ги остави граѓаните од свој џеб да плаќаат 80 и 100 евра за тест, за да цвета бизнисот на приватни дијагностички центри, истакна Ципрас, додавајќи и дека актуелната Влада не се погрижила ниту за поддршка на вработените.