Националното координативно тело на Црна Гора донесе одлука за дополнително засилување на мерките во Подгорица, Цетиње, Будва и во Улцињ поради ширењето на епидемијата на коронавирусот, така што угостителските објекти од вечерва ќе бидат затворени.
Ќе бидат затворени и училиштата, како и спортските сали, фитнес-центрите и детските игротеки.
Забрането е и собирање во станови и куќи на лица што не се членови на домаќинството.
По повод денешниот протест на угостителите, координативното тело објави дека има разбирање за нив и ѝ препорача на Владата да ја разгледа можноста за зголемување на висината на субвенциите за вработените во активности што се погодени од ограничувањата.
Во последните 24 часа во Црна Гора се регистрирани 546 нови случаи на заразаени од коронавирус, а повеќе од половина се од Подгорица – 287. Во Црна Гора има 6.457 активни случаи на Ковид-19, а бројот на смртни случаи поврзани со коронавирусот е 328 од почетокот на пандемијата.