Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за култура, Ирена Стефоска и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов денес одржаа конференција за медиуми на која објавија дека со ребалансот на буџетот се обезбедени 120 милиони денари, или 2 милиони евра за реконструкција на Универзалната сала во Скопје.
Вицепремиерот Битиќи рече дека со ребалансот на буџетот, Универзална сала, која има огромно значење за сите Скопјани, ќе биде реконструирана, при што ќе се задржи нејзината автентичност и оригиналност. Тој додаде дека овој објект е некој вид на историски споменик и оставнина, како и симбол на солидарноста која светот ја покажа за реизградба на нашиот град по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
„Овој проект не е единствен капитален проект во Скопје и во други градови кој ќе биде подржан со ребалансот на буџетот, станува збор за вкупно 19 капитални инвестициски проекти во општини ширум земјава во вредност од 244 милиони денари или 4 милиони евра. Во Скопје, освен реконструкцијата на Универзална сала, за која се издвоени 120 милиони денари, тука се и средства за изградба на клучката кај Момин поток во вредност од 5 милиони денари и средства во вредност од 4 милиони денари за започнување на изградба на мост во Карпош 4 кој ќе биде во продолжение на Љубљанска улица. Тука се и проектот за водоснабдување на општина Чаир во вредност од 20 милиони денари и канализација за Сарај во вредност од 10 милиони деенари“, потенцира Битиќи.
Вицепремиерот посочи дека обезбедени се средства и за проекти на други општини не само за Скопје и скопските општини.
„Со средствата од ребалансот на буџетот се поддржуваат и проекти во други градови и општини како што се: 7 милиони денари за финансирање на реконструкцијата на спортската сала Соколана во Куманово, 6 милиони денари се обезбедени за имплементација на препораките на УНЕСКО за општина Охрид, а предвидени се и средства за санација на Колекторскиот ситем на Охридското Езеро, а со 7.5 милиони денари ќе се финансира нов систем за водоснабдување во општина Тетово. Обезбедени се и финансии за проекти во Кочани, Маврово Ростуше, Валандово, Кичево, Пробиштип, Крива Паланка, Штип, Прилеп, Дојран, Демир Капија и Центар Жупа“, посочи вицепремиерот Битиќи во своето обраќање.
Министерката за култура потсети на содржината на спомен плочата која е поставена до билетарницата во Универзалната сала и нагласи дека овој објект претставува траен симбол на човечката солидарност на многу земји и граѓани кои помогнале на Скопје во најтешките моменти.
„Кон сите кои беа солидарни со нас во оние тешки времиња имаме долг, да се грижиме за овој подарок. Универзална сала, во времето кога е изградена, ја пренесе пораката до пост земјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. И денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзината обнова, таа, нашата Универзална сала, ја шири истата симболика, дека животот мора да продолжи. Денес, ги отвораме вратите, кои 5 и пол години беа затворени, за да му се оддолжиме на овој чувар на нашата културна меморија, за да ги отвориме и портите на Скопје за сите кои во 2028 година ќе дојдат во европската престолнина на културата“, рече министерката за култура Стефоска.
Градоначалникот на Скопје Шилегов напомена дека со обезбедувањето на буџетските средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на објектот на Универзалната сала, во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.
„На овој чекор се одлучивме после широката поддршка од јавноста за идејата Универзална сала да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, што не значи дека сме се откажале од идејата за нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, на друга соодветна локација, согласно потребните стандарди за непречена организација на големи културни и друг вид на настани. На јавноста и е познато дека за реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку несоодветни проекти изработени по налог на претходните градски администрации, коишто од една страна беа прескапи за изведба, а од друга страна не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Реконструкцијата на Универзална сала по проект којшто ќе ја задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект“, нагласи градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека со оваа реконструкција се исполнува и спроведува на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора нагласи дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот.
„Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип на објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје час поскоро. Убеден сум дека наскоро и за тоа ќе успееме да обезбедиме средства и дека изградбата на ваква нова сала, по реконструкцијата на Универзална, ќе биде наш влог во проектот Европска престолнина на културата во 2028“, заврши градоначалникот на Скопје Шилегов.