Состојбата со коронавирусот е крајно сериозна. Бројот на новозаразени пациенти со Ковид-19 секојдневно расте, а болничките капацитети забрзано се пополнуваат. Целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница, а во функција е ставена институцијата Центарот за белодробни болести каде се уште има капацитети. Отсега целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19, но, според надлежните, нема потреба да се ангажираат капацитетите на приватните болници.
Дополнителни 150 болнички капацитети ќе бидат на располагање на Интерните клиники за третман на пациенти со Ковид-19.
Здравствените власти сметаат дека во моментов нема потреба од дополнителни рестрикции, велат дека имаме одлично димензионирани мерки. Повторно се апелира да се почитуваат сегашните мерки, да не се излегува од дома ако се нема потреба (во маркет, на работно место или во училиште).
Клучот во битката и стабилизирањето на состојбата, како што нагласи вчера министерот за здравство Венко Филипче, е доследното почитување и придржување до мерките. Според него, во следните две до три недели ќе го видиме ефектот од мерките, но доколку тие се почитуваат.
Есенскиот бран освен во болниците го зголеми притисокот и врз пунктовите за тестирање. Минатата недела се зголемени капацитетите во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје со дополнителна смена и лабораторијата во болницата во Козле за 400 до 500 тестови на ден.
Се вклучуваат и брзите тестови кои ќе се прават во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје, во болничките установи, каде се примаат пациентите и не само во Скопје, туку и во другите болници. Дополнителни шест пункта ќе работат од понеделник во Скопје, согласно распоредот за тоа колку време е потребно да се направи брз тест. Почнувајќи од понеделник, дополнителни 500 термини во денот ќе бидат на располагање на сите граѓани.
Вчера се регистрирани 1128 новозаразени со Ковид-19, од кои над половината (569) се во Скопје. Оздравеа 307 пациенти, а починаа 12 лица.
Според последната епидемиолошка анализа и натаму најмногу активни случаи има во Скопје – 6372, во Тетово – 821, Прилеп – 721, Струмица – 614, Велес – 609, Куманово – 605, Битола – 442, Штип – 381, Охрид – 357, Гостивар – 338, Кавадарци – 322, Кочани и Кичево по 244.
Во болниците вкупно се хоспитализирани 895 пациенти, на кислородна поддршка се 130, а тројца се на респиратор.
Во просек, како што информираше вчера директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, лекувањето од Ковид кај пациенти со средно тешка клиничка слика трае околу 16 дена.
– Сите ние сме различни и различно реагираме на третманот, но различно реагираме и на инфекцијата и на која било друга болест. Во просек околу 16 дена се лекува една средно тешка клиничка слика на Ковид, а тешките клинички слики се лекуваат многу подолго поради последиците што ги остава инфекцијата, рече Стевановиќ, посочувајќи дека еден од сериозните ризици е и дебелината, која, како што рече, не се сфаќа сериозно кај нас.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 37499, бројката на оздравени е 22835, на починати е 1096, а бројот на активни случаи изнесува 13568. Досега во земјава се направени вкупно 265.528 тестирања на Ковид -19.