Црн дневен биланс од Ковид-19 во Албанија, констатираат медиумите повикувајќи се на бројките на новозаразени и починати во последното деноноќие. Според Министерството за здравство и социјална заштита од направените 1.927 тестови опасниот вирус е дијагностициран кај 495 што е најголема бројка до сега. И процентот на новозаразени во однос на тестирани, кој изнесува 27 отсто, е највисок до сега.
– Во последните 24 часа битката со опасниот вирус ја изгубија осум пациенти или 557 до сега. За среќа во списокот на оздравени се внесени 141 лице или 12.002 од вкупно заразените 23.705.Се зголемува и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување. Моментно во трите ковид болници се третираат 352 пациента. Состојбата се влошува како последица на нашата негрижа и невнимание. Апелираме за строго почитување на мерките за заштита, стои во соопштението на Министерството.
Дека земјата е многу блиску до црвената линија и оти експертите ќе бидат принудени да предложат построги мерки најави и претседателката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата и актуелен заменик министер за здравство, Мира Ракацоли.
Во меѓувреме лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша преку видеопорака, поради „влошената и вон контрола состојба со Ковид-19″ побара од граѓаните да се заштитуваат самите, зашто за „владата на премиерот Еди Рама најмала грижа е здравјето на граѓаните”.