Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за вестите на Алфа телевизија изјави дека време е да се формира Влада на национален спас за да се помогне на државата, а пред се на граѓаните.
„Државата е во амбис, очигледно е дека ниту имаат знаење, ниту знаат како да се справат со предизвиците. На дневна основа имаме катастрофа, девастирање на нашиот здравствен систем, во образованието е ужас, буквално ужас ништо не функционира. Економијата е катастрофална, кога велам катастрофална, ќе имаме пад и во третиот квартал, ќе имаме пад и во четвртиот квартал. Ги гледате проекциите од страна на релевантните институции, тие одат во надолна линија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ништо граѓаните не знаат, никој не излегува да и каже какви размери ќе има епидемиолошки овој втор бран, бидејќи Македонија никогаш не излезе од првиот бран на КОВИД-19.
„Единствено нешто кое што во овој момент преостанува е да овие неспособни Монти Пајтон политичари ги напуштат тие позиции и да дојдат луѓе кои што знаат да се справат со предизвиците. Бидејќи се плашам дека ако поминат уште неколку месеци ние ќе влеземе во ситуација од која што нема да можеме да се вратиме за брзо време назад. Државата ќе ни се испразни“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски се осврна дека и Собранието во државата не функционира. Владиното мнозинство нема доволен број на пратеници за да може да спроведува политики, за да може да спроведува закони, како што следи ребалансот, тука се и низа закони кои што ќе значат определен квалитет за функционирање на бизнис заедницата и граѓаните.
„Затоа повикавме, било како да ја наречеме оваа Влада да биде техничка, Влада на национален спас, било како, широка Влада, нешто кое што ќе даде доверба кај граѓаните дека некој води сметка. На луѓето им е преку глава од евтини политички трикови, вулгарности во рамките на Парламентот или на социјалните мрежи. Луѓето сакаат да видат стратегија и визија тоа што денеска не го гледаат како потенцијал во овие Монти Пајтон политичари под името на Зоран Заев и СДСМ. Под итно треба да се повлече чекор назад“, потенцира Мицкоски.
При своето излагање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на тоа дека има добра основа за идна коалиција со албанските опозициски партии и опозициски фронт.
„Јас и во текот на вчерашниот ден и за време на настанот споменав дека природата на нештата ги поврзува политичките партии, станува за центар десни и конзервативни политички партии, логично е дека и идеолошки но и на ниво на политичка програма има сериозен простор за соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека многу важен сегмент за да се изгради партнерство особено политичко е довербата.
„Мислам дека довербата почнува да се гради и тоа на едно сериозно високо ниво, очекувам дека во следните вакви настани таа доверба само ќе се зголемува. И очекувам да отидам и чекор понапред од она што го кажав вчера, а тоа е да кулминира со една заедничка коалиција пред одржувањето на локалните избори и заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници“, нагласи Мицкоски.