Притворено лице, кое признало дека го извршило нападот врз православниот грчки свештеник во Лион, е 40-годишен маж од грузиска националност и тој бил „сопруг на жена која имала врска со жртвата”, јави дописникот на МИА.
Според информациите објавени од француските медиуми, наводниот сторител на нападот против православниот свештеник во Лион во саботата, на 31 октомври, бил уапсен во петокот, на 6 ноември наутро во друштво на неговата сопруга.
Георги П. и неговата сопруга во моментов се во притвор во Лион. Четириесетгодишниот Грузиец ги признал фактите. Тој наскоро треба да биде изведен пред истражен судија за подигнување обвинение.
Според извор близок до истрагата, придружничката на Георги П. била љубовница на нападнатиот свештеник. Значи станува збор за обичајно право, а не за терористички напад, како што можеше да се стравува поради безбедносниот контекст во Франција. Овој човек „се покажа дека е сопруг на жена која имала врска со жртвата”, изјави јавниот обвинител Никола Жаке во изјавата.
Православниот грчки свештеник е „излегол од кома”, објави во средата претставник на на грчката верска заедница, прецизирајќи дека, сепак, педесетгодишникот сè уште не е надвор од животната опасност. Според свештеникот на парохијата Свети Георги од Гренобл, Николаос Какавелакис (52) „страда многу на психолошки план” и мора наскоро повторно да биде опериран за да се „избегне зараза”. „Неговата здравствена состојба е сè уште лоша. Неговите роднини сè уште не биле во можност да го видат”, рече тој.
Овој свештеник на грчката православна црква во 7-миот арондисман во Лион, кој пристигна тука „помеѓу крајот на 2009 година и почетокот на 2010 година” според неговите блиски, поднесе оставката пред еден месец од „семејни причини” и барал „друга мисија во странство”. Во саботата, на 31 октомври, тој бил мета на истрел од ловџиска пушка со пресечена цевка, кога ја затворал вратата од црквата во цивилна облека и бил сериозно погоден во градите и стомакот. Осомничениот побегнал.