Од шест часот утрово, па се до 30 ноември, Грција е во втор целосен карантин, а за граѓаните дозволено е движење само со претходно испратена смс порака и тоа само за шест есенцијални причини, јави дописничката на МИА од Атина.
Во следните три седмици, затворено ќе биде речиси сѐ. Продавниците, кафулињата, угостителските објекти, средните училишта и универзитети, фитнес центрите, кината, музеите, театрите, ноќните клубови, ставија клуч на врата, а забрането е и патување меѓу општини.
За разлика од првиот карантин, сега маската е задолжителна при секое излегување, додека пак овој пат, отворени ќе бидат градинките и основните училишта.
Средношколците ќе следат онлајн настава, а истото важи и за предавањата за студентите.
Освен основите училишта и градинките, отворени ќе бидат супермаркетите, продавниците за храна, фурните, месарниците, пет шоповите, аптеките, бензинските станици.
Мал исклучок има во однос на фризерските и козметичките салони и берберниците, кои добија дозвола да работат денеска и утре.
Исто како и за време на карантинот во март и април, дозволено е излегување од дома само од шест причини: здравствени, односно за посета на лекар; посета на супермаркет или продавница за храна; посета на банка или јавна служба (кога не е можно барањата да се извршат електронски), посета на лице на кое му треба помош или грижа; присуство на погреб или физичка активност (индивидуално или по две лица) или прошетка на милениче.
За секоја од овие причини, постои специјален код и при секое излегувања, потребно ќе биде граѓаните да испратат смс порака или да пополнат формулар или рачно да потпишат изјава.
Посебни потврди има за вработените, што важат и за новинарите.
За приватниот сектор, задолжително е 50 отсто работа од дома.
Во однос на патувањата, од понеделник за влез во Грција потребен е негативен тест направен 72 часа пред пристигнувањето.
Авионскиот превоз во внатрешноста на земјата е дозволен само за враќање во местото на постојано живеење, спојување со семејството, од здравствени или професионални причини, а забрането е патувања меѓу регионите во Грција.
Во такси возилата и автомобилите дозволен е само еден патник (освен во случај кога станува збор за членови на семејство).
Непречено ќе биде учеството на грчките екипи во европските натпреварувања во кошарка и фудбал.
Ова е втор „локдаун” за Грција, со оглед на тоа дека во периодот од 23 март до 4 мај годинава беше воведен целосен карантин.
Речиси 10.000 случаи за пет дена причина за новиот карантин
Новиот локдаун доаѓа по драстичното зголемување на бројот на нови случаи на дневно ниво, како и на бројот на пациенти приклучени на апарати и зголемениот притисок врз здравствениот систем.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, соопштувајќи го карантинот во четвртокот истакна дека за само пет дена во земјата беа регистрирани речиси 10.000, додека пак пофесорот епидемиолог Сотирис Циодрас објасни дека „брзината со која се шири вирусот, математички води до притисок врз здравствениот систем”.
Мицотакис изрази уверување дека ако се спроведат мерките, ќе се запре вториот бран, за земјата да помине „релативно понормален декември и нешто што ќе наликува на празниците од претходните години, очигледно повторно со зголемени ограничувања”.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас пак, вчера објасни дека за да се укинат рестриктивните мерки, потребно е епидемиолошката слика во земјата да биде на ниво на месец септември, односно бројот на нови случаи да се намали на 200-400 дневно.
Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани 52.254 случаи, а починаа 715 лица.
Високи казни за непочитување на мерките
Казните за непочитување на мерките за заштита од Ковид-19, сега се двојно повисоки за разлика од првиот карантин, а паралелно, зголемени ќе бидат и контролите за почитување на правилата.
За оние кои не носат маска, не одржуваат растојание или не се придржуваат на правилата за движење само со смс порака, предвидена е казна од 300 евра.
Доколку сопственик на бизнис ја прекрши мерката за забрана за работа, ќе биде казнет со 5.000 евра.
Мерки во висина од 3,3 милијарди евра за поддршка на вработените и бизнисите во Грција
Паралелно со рестриктивните мерки, грчката Влада соопшти и пакет економски мерки во висина од 3,3 милијарди евра за поддршка на вработените и сопствениците, чии бизниси ќе бидат затворени поради вториот карантин.
За оние кои се на принуден одмор пред 4 ноември, предвидена е вонредна помош од 800, наместо 534 евра.
Вработените и бизнисите кои принудно прекинуваат со работа, имаат можност да го одложат плаќањето на даночните долгови.
За бизнис активности затворени по наредба на властите, до крајот на април следната година се одложува плаќањето на ДДВ-то за месец ноември и може да се исплати на 12 рати без камата или на 24 рати со камата од 2,5 отсто доколку е по мај 2021 година.
Бизнисите имаат право и на задолжително намалување за 40 отсто на киријата за нивните деловни простори.
Предвидено е и проширување на листата на бизнисите што можат да бидат финансирани преку т.н. „отплатен аванс”, односно финансиска помош за зајакнување на ликвидноста на бизнисите и може да добијат најмалку 2.000 евра.
Продолжено е до крајот на годинава и одложувањето на исплаќањето на ратите во банките.
Во однос на невработените, сите надоместоци што истекоа и истекуваат во септември, октомври, ноември и декември се продолжуваат за два месеци, а ќе се додели и финансиска помош од 400 евра за сите долгорочно невработени.