Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли со честитки за победата на Бајден, посакува свет со помали нееднаквости кој е во интерес на сите, јави дописникот на МИА.
-Ние многу внимателно ги следевме претседателските избори во САД. Ова е избор на голем партнер на Европската унија, на сојузник со кого поминавме долг пат во модерното време и со кого сакаме да продолжиме да работиме, вели Сасоли во видеопораката, додавајќи „На новиот претседател Џо Бајден, нашите најдобри желби”.
-На светот му треба силна врска меѓу Европа и Соединетите држави, повторно започнување на трансатлантските односи, способни да одговорат на многу предизвици со кои се соочуваат овие времиња. Пандемијата со КОВИД-19 е првпат Европа и Соединетите држави да се соочат со глобален предизвик без заедничка визија. Ова ги прави нашите одговори помалку ефикасни, продолжи претседателот на ЕП.
-Сепак, не е само пандемијата која бара повисока и покоординирана врска. Имаме заеднички вредности, силно верување во демократијата и слободата. Заедно можеме да се бориме против климатските промени, да се справиме со зелената транзиција и дигиталната трансформација, да се посветиме на гарантирање на нашата безбедност, борба против тероризмот и одбрана на човековите права. Свет со помала нееднаквост е во сите наши интереси, нагласи Давид Сасоли.
Тој на крајот истакна дека „со нетрпение очекува да соработувам тесно со Конгресот на Соединетите држави и новата администрација на Бајден”.