Нов негативен рекорд, од 501 новодијагностициран со Ковид-19, е регистриран во Албанија во последното деноноќие.
– Во изминатите 24 часа регистрирана е најголема бројка на заразени со Ковид-19 во едно деноноќие до сега. Од 1.942 тестиран случаи, позитивен резултат е добиен кај 501 или 26 отсто од тестираните. И понатаму главно жариште е Тирана, по што се вбројуваат Елбасан, Корча, Ѓирокастро, Драч и Валона, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.
Во исто време битката со опасниот вирус ја добиле 94 а ја изгубиле двајца пациенти.
Од почетокот на пандемијата до сега направени се 139.114 тестови, позитивни биле 24.206, оздравеле 12.092, починале 559 додека активни на болеста се 11.555 лица.
Според министерството во трите ковид болници се хоспитализирани 374 ковид пациенти, што ако се има предвид дека располагаат со 500, сè уште има слободни болнички кревети.
Сепак денеска главна тема во медиумите се преполнетите болнички капацитети, поради што, како што пренесуваат, на заразени кои се во критична состојба услуга им се пружа во возила на брза помош.
Роднини на болните потврдуваат дека со часови чекаат да видат што ќе се случи со нивните најблиски кои се во амбулантските возила.
И лекар кој непосредно е вклучен во лекувањето на ковид пациенти вели дека се принудени да им даваат услуга во возила на брза помош, бидејќи нема слободни кревет.
Во писмото упатено до Комитетот на експерти за справување со пандемијата тој уште наведува дека чекаат да оздрави некој или да почине за да се ослободи кревет и бара под итно да се отвори четвртата ковид болница.
Ваквите тврдења на лекарот и медиумите министерството ниту ги демантира ниту ги потврдува, освен што со доцна попладневното соопштение во кое ги дава податоците за последните 24 часа го наведува бројот на хоспитализирани.