Белгија го помина врвот на есенскиот бран на пандемијата на коронавирусот и се симна од врвот на списокот на земјите на ЕУ со најтешка епидемиолошка состојба, односно најголем број на заразени лица по глава на жител.
Белгија со 1.333 заразени на 100.000 жители, сега е зад Чешка (1.551) и Луксембург (1.459).
Зад Белгија се Словенија и Лихтенштајн со над 1.000 заразени на 100.000 жители, додека последна во ЕУ според бројот на заразени со Ковид-19 е Финска со 53 заразени на 100.000 жители.
Белгиските здравствени власти истакнаа дека по воведувањето на вонредните мерки за затворање, бројот на новозаболени и хоспитализирани во Белгија полека почна да се намалува, но притисокот врз единиците за интензивна нега продолжува и бројот на смртни случаи „значително се зголемува”.
Белгија бележеше просечно по 10.500 новозаразени секој ден во текот на изминатата недела, што е намалување за 35 проценти во споредба со претходната недела. Од 29 октомври до 4 ноември, во просек имало 165,3 смртни случаи дневно, што е зголемување за 66,4 проценти во споредба со седмицата од 22 до 28 октомври.
Во последните 24 часа во земјата починале 199 лица, со што вкупната бројка на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 12.907.