Две лица се повикани на разговор во врска со повредениот кавадарчанец со две убодни рани од нож, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.
-Рано изутринава, во 00.10 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на крстосница од улицата „Браќа Џунови” и „7-ми Септември во Кавадарци”, кај фонтаната, имало повредено лице со убодни рани. По извршени проверки е констатирано дека станува збор за К.М. (28) од Кавадарци, рекоа од МВР.
Се работи на расчистување на случајот.
Како што изјави д-р Благој Митев, хирург во кавадаречката болница, ноќеска после полноќ било донесено момче родено 1994 година.
-Момчето имаше две убодни рани од нож во пределот на лев рамен појас и во пределот на градниот кош, позади, под коската која народски се вика лопатка. Убодните рани беа со ширина од 2.5-3 сантиметри и длабочина од 4-5 сантиметри. Му дадовме прва помош и заради подетално согледување на состојбата го препративме на Ллиниката за торакална хирургија во Скопје, рече Митев.