Северна Македонија, Себија и Албанија утре ќе потпишат Меморандум за разбирање и соработка во борбата против Ковид-19, јави допсиникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, тој утре со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама ќе учествува преку видео врска на конференција на Малиот Шенген.
Покрај Вучиќ, на состанокот ќе учествуваат и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и министерот за здравство, Златибор Лончар.
-По овој повод, ќе биде потпишан Меморандум за разбирање и соработка меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија за соработка во борбата против Ковид-19 и меѓудржавен договор меѓу Србија и Албанија за слободно движење на граѓаните со лични карти, соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ по видео состанокот одржан на 30 октомври со премиерите Зоран Заев и Еди Рама кажа дека е важно што се донесени неколку важни одлуки, кои ќе бидат спроведени најдоцна од 10 ноември.
-Тогаш без ПЦР тест ќе може да се оди во Албанија и Северна Македонија, или оттаму во Србија,кажа Вучиќ.
Тој додаде дека министрите за здравство во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помагнеме, да можеме да примаме пациенти од Скопје и од Тирана, они да можат да примаат српски државјани кои се наоѓаат на нивна територија, како да се регулираат трошоците.
-Ајде да видиме како едни на други да си помагаме со вакцините, да се појавиме некаде заедно во набавка на вакцините, кажа Вучиќ, додавајќи дека тоа била само една од точките на состанокот, која се однесува на Ковид-19.
Вучиќ кажа дека на самитот се разговарало за зајакнување и на политичката соработка.
-Имавме интерес некои наши кандидати да бидат поддржани, а ние да поддржиме некои други кандидати и тоа подобро ќе функционира во иднина, кажа Вучиќ.
Тој потенцираше дека е постигнат договор во 3 точки, меѓу другото и задржувањата на границата што е можно повеќе да се намалат.
Според Вучиќ, станало збор и за работните дозволи, потоа за вонредната состојба, односно помагање едни на други кога ќе се појават природни непогоди, како и уште побрза работа на Царината.