Македонија без Пандев на најзначајниот меч во историјата

Италијанските медиуми јавуваат дека локалните власти во државата нема да им дадат дозвола на странските фудбалери да отпатуваат за да играат за своите репрезентации.

Причина за вакво нешто е ширење на коронавирусот, кој повторно силно ја погоди земјата, но и фудбалот. Прв клуб кој доби забрана да ги пушти своите интернационалци беше Фиорентина по наредба на медицински власти во регионот на Фиренца. Кај „виолетовите“ позитивен на Ковид-19 е Хозе Марија Калјехон.

Фиорентина е во „меур“ и ќе мора да остане во карантин цели 10 дена, односно фудбалерите нема да смеат да го напуштат тренинг-кампот.

Попладнево и останатите клубови добија забрана од локалните власти, а меѓу нив е и Џенова. Ова е сериозен проблем за македонската фудбалска репрезентација која на 12 ноември гостува во Тбилиси кај Грузија во финалето од баражот за пласман на Европското првенство идното лето.

И други клубови добија вакви забрани, а тоа се Лацио, Рома, Сасуоло и Интер. За потсетување, минатиот месец локалните власти во Неапол му забранија на Наполи да патува на дербито против Јувентус во Торино, откако Елиф Елмас и Пјотр Зјелински беа позитивни на Ковид-19.

Се очекува УЕФА да реагира на ваквиот потег на властите во Италија.

Извор: Спорт1

Треба да знаете
Последни објави