До Општинската изборна комисија во Штип пристигнале пет кандидатури за избор на градоначалник. Рокот за доставување на кандидатури беше до вчера на полноќ.
Најголемо изненадување за штипјани, но и пошироката јавност, е кандидатурата на партијата Интегра, која за свој кандидат го избра Симон Поликарп, попознат како Џими, кој е роден во Нигерија, но веќе неколку децении живее во Штип. Останатите кандидати кои влегуваат во трката се независниоот Трајче Митев кој ги собра потребните 260 граѓански потписи, Лазар Наумов од партијата ТМРО, актуелниот пратеник Сашко Николов од СДСМ и Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација.
ВМРО-ДПМНЕ вчера по седницата на Извршниот комитет одлучи дека нема да учествува на овие избори и да делигира свој кандидат. Според лидерот на партијата Мицкоски, тие бараат да се одложат изборите, бидејќи здравјето на граѓаните во моментов им е поважно.
Изборите за градоначалник во Штип и Пласница се закажани на 13 ти декември и ќе се гласа според здравствените протоколи на предвремените парламентарни избори.