Утро, 8 ноември 1944 година, Митровден, навидум обичен есенски, но за стружани светол ден.
Ден кога во градот одекнала веста за ослободувањето од германскиот окупатор. Борба се водела на сите страни, згаснале и многу млади животи, но народот го дочека овој светол ден. Борбите за ослободувањето на Струга се опишуваат како тешки и крвави, но желбата за слобода била многу голема, а храброста на војниците достојна за почит.
Седумдесет и шест години потоа, Струга е модерен град. Град што блика со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата. Град со мултиетничка и мултикултурна вредност…
Моменти на неизвесност за слобода
Претседателот на Сојузот на борците на народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга, Ајредин Мемеди, син на борец, по кажувањата од неговиот татко, но и членовите и поранешни претседатели на Сојузот, раскажува дека тоа биле тешки денови за Струга.
Затворени во домовите, стружани ја дочекале веста дека градот е ослободен, окупаторот заминал.
– Народно ослободителната војска која ја сочинувале Првата Македонска ударна бригада, 15-тата Македонска ударна бригада, Четвртата Албанска бригада, Охридско-струшка бригада и Борците од самостојниот батаљон ги завземала своите позиции ноќта меѓу 6 и 7 ноември и околу 4 часот и 45 минути ги нападнале Германските единици. Фашистичкиот окупатор неможел да го издржи тој напад и почнал да се повлекува. Од Охрид преку Струга отишле во Албанија. Граѓаните затворени дома очекувале што ќе биде, но кога ја слушнале веста за ослободувањето народот излегол надвор да пее, да игра, да се весели, вели Мемеди.
Во желбата да се види слободна Струга, деновите тешко минувале, неизвесноста била се поголема. Борците биле во тешка положба.
– Борбите почнаа на 19 октомври 1944 година во раните утрински часови, периодот беше тежок. Струга ја бранеа од Германската војска и неговите помагачи, а борците кои војуваа да ја ослободат Струга беа во многу тешка положба, бидејќи окупаторот беше внатре и неможеа да напаѓаат. Посебно беше тежок теренот на Струшкото блато, но на наша страна беше идеалот и големата желба кај борците Струга да биде слободна. Борбата беше многу тешка. Во раните утрински часови падна и првата жртва во пределот на Мороишки мост, а загина млад жител на селото Локов. Потоа загина војник од Кичево, па охриѓанец. Се редеа ранети и мртви, раскажува Мемеди.
И Стојан Кукунешоски, член на Сојузот на борци се присетува на кажувањата на некои од борците во Струга, како се формирале ослободителните бригади, но и за жарот и среќата кај стружани на тој светол 8 ноември.
– Окупаторската армија била закотвена во Струга. Нашите војници, по нивни кажувања слабо наоружани, голи и боси стоеле пред предизвикот да се види светлината на денот, која и денеска ја живееме.
Ослободувањето на Струга се одбележува со полагање цвеќе пред споменикот на Револуцијата на делегации на Сојузот на борци, Општина Струга, политички партии…