Во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и Европската Унија, повторно изнесени ставови на бугарски и македонски претставници, но и пораки од дипломати Бугарија да не го запира процесот за пристапување на државава во Европската унија, но и за важноста на принципот на јазична еднаквост на унијата.
Американскиот дипломат Џејмс Пердју, поранешен амбасадор во Софија и еден од посредувачите во разговорите за Охридскиот договор, вели дека штета би било доколку Бугарија го запре процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
– Знам дека е примамливо Бугарија да се обиде да ја искористи својата позиција како членка на Европската унија, додека Северна Македонија се обидува да добие членство. Но, не сум сигурен дали вреди да се создаде непријателство меѓу владите на двете земји и нивните народи, изјави Пердју, додавајќи дека национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на НАТО и на Европската унија и затоа Софија треба тесно да соработува со Скопје.
Тој додава дека многу повеќе би сакал да гледа соработка, а не блокади меѓу Северна Македонија и Бугарија.
– Премиерот на Северна Македонија е многу прогресивен човек. Тој имаше храброст да постигне договор со Грција за спорот за името. Јас сум многу импресиониран од него. Тој прави многу добра работа за својата земја. Би било штета за Бугарија да го запре процесот на пристапување на земјата во ЕУ заради нејзината историја и јазик. На крајот на краиштата, ние исто така зборуваме англиски, но немаме желба да и се наметнеме на Англија. Секоја земја може да го нарече својот јазик како што сака. Историските спорови никогаш не се конечно решени. Научниците се расправаат со векови. Нека ја завршат својата работа. Има начин да го сторат тоа – двете страни имаат толку многу заедничко, истакнува Пердју.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера истакна дека јазичната разноликост е вклучена во европското право и во повелбата на основните права и во договорот за основање на ЕУ.
-Соживотот на јазиците во ЕУ е моќен симбол за аспирациите на Унијата за единство преку разноликост, изјави евроамбасадорот Гир на отворањето на Осмата меѓународна конференција „На прагот на иднината: Што по 2020?”, организирана од Здружението на преведувачи и толкувачи на С Македонија.
Порача дека преведувачите и толкувачите се важен линк помеѓу ЕУ и Северна Македонија, уште од првите чекори на земјата на нејзиниот европски пат. – Во Европа јазичната разноликост е дел од секојдневниот живот. Оваа разноликост е извор на сила и богатство. ЕУ има околу 450 милиони граѓани, 27 земји членки, три азбуки и 24 официјални јазици. Шеесетина други јазици се дел од наследството на ЕУ и се зборуваат во одредени региони или од страна на одредени групи, изјави Гир.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, порача дека повеќејазичноста е сржта на ЕУ, a принцип на јазична еднаквост на ЕУ со своите 24 официјални јазици и над 500 можни јазични комбинации.
– Во согласност со таквите политики на ЕУ за јазична еднаквост и автентичност, и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата во моментот кога нашата држава ќе стане полноправна членка, изјави Димитров.
Со цел да го овозможиме ова право и потреба на македонските граѓани, посочи тој, како земја кандидат мора да го оствариме и едниот од клучните елементи скриени меѓу критериумите од Копенхаген и нашиот предуслов за членство во Унијата, а тоа е превод на европското законодавство на македонски јазик.
Јазиците, порача тој, можат да послужат како мост кон другите народи и култури преку промовирање на меѓусебно разбирање и заедничко чувство за европски идентитет, а ЕУ одамна „ги има срушено бедемите” и успеа низ годините да создаде европски дух на заедништво и единство. – Тоа е Унијата кон која се стремиме и тоа се вредностите и принципите кои и самите мора да ги практикуваме, живееме и да ги поттикнуваме, за колку што е можно поскоро да станеме и вистински дел од таа заедница, изјави Димитров.
Од Софија повторно тврди ставови. Бугарскиот вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов рече дека Република Северна Македонија не е подготвена да започне преговори за членство со ЕУ, затоа што, според него, Владата во Скопје повеќе од три години се обидува да не го спроведува Договорот со Бугарија.
Според него, не е постигнат напредок во ниту една од точките на овој Договор, потпишан на 1 август 2017 година. – Не можам да разберам зошто некои надворешни набљудувачи ги мешаат работите. Бугарија не аплицира за членство. Бугарија е земја членка, Македонија аплицира за членство во ЕУ и треба да биде јасно дека обврските што ги презеде со склучените договори, како што е Договорот од Скопје од 1 август 2017 година, мора да ги почитува. Во Македонија, сепак, се чини дека постои и продолжува да постои идејата дека некој ќе ја притисне Бугарија во последен момент и дека Бугарија ќе потклекне, изјави Каракачанов.
Според Каракачанов, земјава сега кога е кандидат за членство се „однесува агресивно”, покажувајќи „очигледни претензии кон Бугарија – за малцинство, кражба на историјата, говор на омраза кон Бугарија”. – Замислете се го Скопје утре во ЕУ – кој ќе има добивка од тоа? Бугарија дефинитивно ќе изгуби ако има сосед како Македонија, која е членка на НАТО и ЕУ и која има таков тон и однесување, вели Каракачанов.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека земјава, освен сериозната здравствена ситуација, има сложена ситуацција и на надворешен план. -Владата на Зоран Заев и СДСМ потфрли во ЕУ интегративниот процес.Трета година по ред Зоран Заев, заедно со Никола Димитров ги лажат граѓаните дека добиваме датум за преговори и дека ги отпочнуваме преговорите, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
-Шарлатанското однесување од типот на „домат дипломатија” и „љубави, како си, те поздрави Зоки” излезе на виделина и конечно стигна поздравот до Зоран Заев и Владата за нивната несериозност, некапацитетност, некадарност, и негрижа кон државата и граѓаните, како и кон националните интереси, изјави Арсовски.