Стартува реализацијата на четвртиот пакет антикризни мерки, откако беа изгласани законите со кои фирмите со загуби поради ковид пандемијата повторно ќе добијат поддршка од државата за исплата на плати за октомври, ноември и декември годинава. Поддршката по вработен ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари, односно до 17.410 денари кај самостојните вршители на дејност. Рокот за поднесување барања е до 10 во месецот, а поддршката ќе се исплаќа до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
За мерката Викенд без ДДВ, како што најави вчера министерот за финансии Фатмир Бесими, исплатите треба да започнат од следната недела, а мерката за помош на ранливите категории со по 6.000 денари, кои ќе се исплаќаат од следниот месец.
По усвојувањето на ребалансот на Буџетот минатата недела, во наредниот период треба да се донесат уште законски решенија за да може да се процесуира најавената поддршка од 470 милиони евра од четвртиот пакет мерки.
– Градиме партнерски однос со стопанството, 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83.000 работни места и субвенционирање на вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември во висина од 14.500 до 21.776 денари. Финансиска поддршка по 6.000 денари ќе добијат 283.000 граѓани. За оваа намена државата обезбеди 27,6 милиони евра кои повторно ќе се вратат во стопанството. На овој начин се стимулира потрошувачката на домашни производи и услуги, напиша премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук.
Законите за финансиска поддршка на работодавачите и самостојните вршители на дејност за исплата на плати што ги усвои пред неколку дена Собранието, се дел од 12 закони и законски измени за примена на 22 од вкупно 31 мерка од четвртиот пакет помош, што се во надлежност на Министерството за финансии. Од тие 12 закони, три се веќе усвоени, а останатите се во собраниска процедура или се изготвени и се ставени на јавна консултација на ЕНЕР.
Според Бесими, со мерката за поддршка на платите ќе се заштитат десетици илјади работни места и илјадници ќе го задржат истото ниво на плата.
-Мерките се дизајнирани така да дејствуваат позитивно и на страната на понудата и на страната на потрошувачката и на тој начин да ги амортизираат последиците од кризата, рече Бесими на заедниќка прес-конференција со директорката на УЈП Сања Лукаревска.
За да ја добијат поддршката фирмите треба електронски да поднесат барање преку e-tax до 10 месецов, а Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето најдоцна за три дена. Треба да исполнат повеќе услови, меѓу кои да има има намалени приходи од април до септември, односно октомври и ноември годинава зависно од месецот за кол аплицра за плата. Бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка треба да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со август годинава со исклучок на оправданите основи за престанок на работен однос. Еден од условите е работодавачот да не исплатил и да не исплаќа дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда.
Како што информираше Лукаревска, за времетраење на финансиската поддршка и два месеци после месецот за кој е користена, работодавачот не треба да го намали бројот на вработените освен заради : пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
Оправданите намалувања на број на вработени кај работодавачот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе од: 15 проценти кај работодавач кој имал до 50 вработени, односно 10 проценти кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени , односно пет проценти кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
Висината на износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од степенот на намалениот приход на работодавачот. За намален приход од 30 до 40 проценти поддршката е 14.500 денари по вработен, од 40 до 50 проценти 15.955 денари по вработен, од 50 до 60 проценти таа ќе изнесува до 17.410 денари. До 18.865 денари ќе се исплаќа поддршка за намалени приходи од 60 до 70 проценти, до 20.320 денари за намалени приходи од 70 до 80 проценти, а над тој процент поддршката изнесува 21/776 денари.
-Средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50 проценти од примената финансиска поддршка, а ги враќа оној работодавач кој има искажано позитивен финасиски резултат зголемен за непризнаените расходи и кој нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси. Враќањето ќе се врши на 3 месечни рати без камата во октомври, ноември и декември 2021 година. Работодавачи кои искажале негативен финансиски резултат односно искажале загуба пред оданочување и немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси немаат обврска да ги враќаат примените финансиски средства, информираше директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Лукаревска апелираше на доследно почитување на законот во поглед на исплата на плати на работниците и посочи дека одредбите од законот предвидуваат дека работодавачот кој дал неточна или невистинита Изјава ќе одговара согласно одредбите од Кривичниот законик. А глоба ќе се изрече за сторен прекршок на правните лица и на одговорните лица во правните лица ако: на вработениот за кој примил финансиска поддршка, исплатил пониска плата од износот на примената финансиска поддршка и ако не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите за добивање финансиска поддршка
Глобите се движат од 500 до 1000 евра за малите правни лица односно 1000 до 10000 евра во денарска провивредност на големите правни лица, а за одговорното лице во правното лице од 100 до 500 евра во денарска противвредност. Прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.
Постапката против компаниите што ја злоупотребија помошта исплатена од државата за своите вработени во изминатиот период е во тек, а Јавното обвинителство побарало дополнителни докази во спроведувањето на истрагата. На сите компании што не ја исплатија доделената дополнителна помош на своите вработени, УЈП им ги блокирала сметките и на дел од нив веќе им биле повлечени овие средстава од државната помош.
-Имињата на сите компании што ја злоупотребуваат помошта и натаму ќе бидат објавувани, со цел јавноста да ги знае, а воедно и да се поттикнат другите фирми да не прават такви. злоупотреби, најави Лукаревска.
За финансиската поддршка од 6.000 денари на ранливите категории на граѓани веќе е изработен законот и е поминат на Влада, а се очекува веќе следниот месец граѓаните да можат да ги користат средствата. Парите на корисниците ќе им бидат исплаќани директно на трансакциска смета, а не преку платежни картички како што беше за претходните такви исплати.
Веќе е дизајнирана и мерката за новата линија бескаматни кредити со 30 отсто грант компонента и се очекува во тек на овој месец или почетокот на следниот да пристигнат средствата и да се стават на располагање на фирмите. За државната гарантна шема пак, како што посочи министерот, законот е веќе изработен и е ставен на ЕНЕР за коментари од јавноста, додека за новите 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банкаисто така е веќе усвоена информација од страна на Владата и се почнати преговорите со ЕИБ за средствата, за кои се очекува да станат достапни за македонските компании на почетокот на следната година.
Како дел од мерките за даночни ослободувања и ослободувања од давачки кои ги спроведува Министерството за финансии, меѓу останатото е намалувањето на ДДВ од 18 проценти на 5 отсто, намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалоци, можноста за плаќање по ДДВ пријава најдоцна 5 дена по поднесување. Тие мерки се регулирани со предлог законот за изменување на законот за ДДВ, кој веќе е поминат на Влада и е во собраниска процедура, а треба да стапат во сила од 1 јануари 2021, додека продолжувањето на рокот за плаќање на ДДВ стапува во сила по донесување на законот.
Во рамки на даночните олеснувања е и мерката за одложено плаќање на аконтациите за данок на добивка и данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. И измените на овие закони се веќе поминати во Влада и се влезени во собраниска процедура и се очекува во текот на овој месец да се донесат.
Со тие закони се регулирани и други мерки, како: зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка, ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација, признавање на трошокот за дополнително приватно здравствено осигурување на вработените за целите на данокот на добивка и неоданочување со данокот на личен доход, признавање на расходите за тестирање од од КОВИД 19 како признаен расход и зголемување на периодот за покривање на загуби на товар на идни добивки. Преполовена е и казнената камата за јавни давачки до март 2021 година.
Со ребалансот на Буџетот се обезбедени 160 милиони евра за мерките кои имаат директни буџетски импликации како финансиската поддршка за исплата на плата, финансиска поддршка за ранливи категории, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје и вино, поддршка за дејноста Туристички водич, враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, поврат за Викенд шопинг со МојДДВ, за Државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби