Филипче до граѓаните: Состојбата со Ковид-19 критична, сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци

Министерот за здравство Венко Филипче, во видео обраќањето до граѓаните, истакна дека состојбата со Ковид-19 е критична, а болнииците веќе ги полнат сите капацитети.

-Пред нас е веројатно најтешкиот период на справување со пандемијата. Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку – само да го штитите сопственото здравје, рече министерот Филипче.
Тој потенцираше дека сите ние жртвуваме нешто во нашите животи оваа година.
-За некои од нас жртвата значеше помалку финансии, загубена работа, неможност да се видиме со нашите блиски. За други тоа значеше месеци и месеци непрекината работа без одмор. За трети пак таа жртва значеше загубено здравје или загубен живот. Колку доследно ќе ги почитуваме мерките за заштита ќе биде одлучувачки за тоа колку дополнително ќе се жртвуваме до крајот на пандемијата. Секој за себе ќе реши дали неговата жртва ќе е носењето маска, негрупирањето, држењето дистанца, или пак жртвата ќе значи продолжување на здравствената и економска несигурност.
Порачува дека изборот е тој, а моќта за промена на работите е кај секој од нас.
-Почитувајте ги мерките доследно. Носењето маска и држењето дистанца се многу мала жртва во споредба со се друго, посочи Филипче во видео обраќањето до граѓаните.
Тој претходно преку Фејсбук апелираше славите и празниците кои се пред нас, оваа година да ги прославиме само со најблиските и  да нема групирања по домовите  за да сеспречи натамошно ширење на заразата со Ковид-19.

 

Бројот на активни случаи на Ковид-19 во државава достигна 14 661, откако вчера беа регистрирани уште 1 285. Ширум клиниките и болниците до синоќа беа хоспитализирани над 900 лица. Поради се поголемиот број заразени на кои им е потребна хоспитализација и преполнетост на болничките капацитети, од вчера за третман на пациентите се на располагање и интерните клиники на Клиничкиот центар. На Клиниката за пулмологија и алергологија на располагање се 150 болнички кревети за лекување пациенти заразени со коронавирусот.

Од почетокот на епидемијата се дијагностицирани 38 782 ковид случаи, бројката на оздравени пациенти е 23011, а на починати е 1110.

Треба да знаете
Последни објави