Потпретседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, изрази надеж дека односите ЕУ-САД, посебно во делот на трговијата, ќе се подобрат со доаѓањето на новиот американски претседател, јави дописничката на МИА од Брисел.
На денешниот министерски совет за трговија, сите земји членки на ЕУ го поздравиле изборот на Џо Бајден за иден претседател на САД, изјави Домбровскис и додаде дека двата блока имаат низа заеднички задачи на кои треба да работат, како реформата на Светската трговска организација, трансатлантските прашања и климатските промени.
На маса се и царините што ги воведе американската администрација врз европските производи пред повеќе од една година, на што ЕУ возврати со противмерки.
-САД воведе царини за ЕУ пред повеќе од една година, така што ги повикуваме САД да се постигне заеднички договор за да се укинат овие мерки од двете страни и да го ставиме овој проблем на страна, укинувањето на царините ќе биде победнички за двете страни, ова е прилика да ги рестартираме трансатлантските односи, изјави Домбровскис.
ЕУ денеска ги потврди и санкциите против Боинг, како одговор на американските мерки против Ербас, и со согласност од Светската трговска организација.
Потпретседателот Домбровскис на денешната прес конференција потврди дека ЕУ е подготвена да ги укине овие царини кога ќе го стори тоа САД.
ЕУ се надева и на етаблирање на заеднички технички и трговски совет со САД за усолгасување на стандардите во овие области од двете страни на Атлантикот.