Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
Во продолжение интегралниот текст од обраќањата на претседателот Пендаровски и на амбасадорот Бомгартнер.
Ваша Екселенцијо,
Имам исклучително задоволство и голема чест и во услови на крајно загрижувачката состојба со пандемијата да ги примам акредитивите од Неговата Екселенција, претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, со кои Вие сте именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија. Дозволете ми срдечно да Ве поздравам и да Ви посакам искрено добредојде во нашата земја и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа мошне одговорна и важна функција. Високо го цениме Вашето досегашно искуство и сметаме дека истото ќе претставува значаен придонес за дополнително збогатување на нашите врски, за што Ве уверувам дека ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош.
Почитуван Амбасадоре,
Во оваа пригода би сакал да ја истакнам огромната почит за македонско-француските односи и за плодната соработка која се одвива во многу области од заемен интерес, базирана на традиционалното пријателство и меѓусебно разбирање. Во декември годинава заеднички ќе ја прославиме 27-мата годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави. Во втемелувањето на македонско-француските односи, важна улога имаа и многу политичари, дипломати, писатели, уметници и бизнисмени. Меѓу нив е и францускиот сенатор Робер Бадентер, чиишто дела ќе бидат засекогаш врежани во државотворноста на мојата земја.
Нашите земји и народи отсекогаш биле блиски, споделувајќи ја вредноста на националното мото и движечката сила на Француската револуција: слобода, еднаквост, братство. Водени од мислата дека сите луѓе треба да имаат еднакви права и горди на својата историја, идентитет и почитување на културните и јазични разновидности, обете, во сиот изминат период, покажаа дека можат да се потпрат една на друга. И како што во минатото за време на двете светски војни бевме на истата страна, на страната на правдата и слободата, така сме и сега. Денес, со членството на Северна Македонија во НАТО, нашите армии и војници споделуваат заеднички вредности и желба да се заштитат тие вредности. Притоа, позитивен пример не се само политичките односи и односите во одбраната, туку и соработката во сите останати области, почнувајќи од културата, образованието, науката, локалната самоуправа, внатрешните работи и службите за разузнавање, па сè до туризмот и релациите меѓу младите луѓе.
Посебен квалитет дава и нашата дијаспора во Франција, која сè повеќе се зголемува со бројот на млади коишто одлучуваат да го продолжат своето школување на реномираните високообразовни институции. Додадена вредност во нашите односи се и членството, соработката и активностите во Меѓународната организација на франкофонијата, преку кои ги промовираме франкофонската култура и францускиот јазик, доближувајќи ги до нашите сограѓани. Сето ова создава одлични основи за натамошно продлабочување на нашите врски, при што верувам дека Вашиот активен ангажман ќе остави траен белег во надградбата на пријателските односи и во соработката меѓу двете земји.
Почитуван Амбасадоре,
Француската Република како традиционален пријател безрезервно ги поддржуваше и ги поддржува нашите идеи за интеграција на земјите од балканскиот регион во европското семејство, а во тие рамки и на Република Северна Македонија. Поткрепата и експертизата која ја добиваме од Вашата влада за евроинтегративниот процес, за нас, е од голема и непроценлива важност. Северна Македонија покажа дека има капацитети да носи тешки одлуки со кои државата оди напред. По подавањето рака на помирување со нашите соседи, следејќи го француско-германскиот модел, посветени сме на јакнење на владеењето на правото, правната држава и на борбата против криминалот и корупцијата.
Веруваме дека Франција како еден од столбовите на Европската Унија, со својата поддршка ќе придонесе Северна Македонија, во овој за нас клучен период, успешно да заокружи уште една фаза во европската интеграција и формално да ги започне пристапните преговори. Новата методологија за нас претставува предизвик со кој веруваме дека можеме успешно да се справиме и да докажеме дека сме решителни во нашата намера за максимален ангажман во преговарачкиот процес. Воедно сум убеден дека одлуката за мојата земја ќе испрати позитивен сигнал и за целиот регион, чија европеизација нема алтернатива и е единствениот пат за зацврстување на демократијата, заедничките европски вредности и забрзан економски раст и развој.
Во оваа смисла, Ве молам да ја пренесете нашата голема благодарност до претседателот Макрон, кој преку своите лични заложби потврди дека Европа, нема да биде целосна, сè додека не ѝ се приклучат државите од Западен Балкан. Ве молам и да пренесете дека ја очекуваме неговата возвратна посета на Република Северна Македонија, веднаш штом за тоа бидат создадени услови.
Почитуван Амбасадоре Бомгартнер,
На крајот дозволете ми, Ваша Екселенцијо, да Ви посакам многу успех и добро здравје во извршувањето на Вашата одговорна функција.
Обраќање на амбасадорот Сирил Бомгартнер
Господине Претседател,
Ми претставува огромна чест денес да Ви ги доставам акредитивните писма од Претседателот на Република Франција кои ме назначуваат за Амбасадор во Република Северна Македонија.
Пријателството меѓу нашите две земји е дамнешно. За тоа сведочат и многубројните посети, а ќе ја споменам и вашата на Париз во месец ноември минатата година. На личен план ќе кажам дека за тоа сведочи и целокупната активност која ја спроведоа осумте мои претходници. Уште од независноста на вашата земја, доказ за тоа е и вклученоста на еминентни француски личности во нејзините клучни моменти.
Мојата мисија почнува во нов суштински момент, тоа е патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Франција ја поддржува оваа перспектива, која стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки.
Целта за влез во Европската Унија претставува стратешки приоритет. Самото членство, во дадениот момент, ќе значи заокружување на еден процес кој е отпочнат уште од независноста, кој минал низ многу етапи, како што е членството во Меѓународната организација на Франкофонијата, а потоа и во НАТО, кои овде ги споменувам поради вашата институционална надлежност.
За новиот период, кој е пред нас, имајќи обновена рамка, ќе бидат неопходни и реформи. Барајќи ја поддршката од сите сили во општеството, ќе се одлучува за реформите кои ќе треба да се спроведат и кои ќе треба да ги дадат своите резултати. Франција ќе биде внимателен и добронамерен партнер, искрен и пријателски. На конкретен план, ќе се обиде да помогне со европски и билатерални средства.
Господине Претседател,
Оваа стратешка цел претставува заеднички приоритет. Затоа што не станува збор само за проширување туку за обединување на европското семејство, меѓу членови кои споделуваат исти вредности. Новата стратегија за земјите од Западен Балкан, посакувана и донесена од страна на Претседателот на Република Франција е потврда за желбата која постои за зближување во една поширока рамка.
Станува збор за историска определба но и за сосема легитимни национални интереси. Новите реформи кои се очекувани, ќе придонесат и за економски развој на Северна Македонија, кон кој Франција има желба да го даде својот придонес, но и ќе помогнат за зајакнување на националното единство, што Вие го гарантирате.
Можете да сметате, Господине Претседател, на мојата желба и на мојата расположливост за да ја оствариме оваа заедничка задача.