Премиерот Зоран Заев му го честиташе изборот на Даниел Димевски за претседател на МОК.
„На Даниел Димевски, кој денеска ја презема функцијата и честа да биде претседател на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, му упатувам срдечни честитки и многу успех во извршувањето на новата должност. На досегашниот претседател на МОК, д-р Васил Тупурковски, му упатувам благодарност за неговиот придонес како прв претседател кој го пробиваше патот на македонскиот спорт на олимписката сцена. Во ова време најголема грижа треба да биде здравјето на спортистите, но пандемијата ќе помине, а посветеноста на развојот на спортот и на поддршката на спортистите треба да остане трајна и особено ангажирана.
Ви посакувам Вам, господине Димевски и на Олимпискиот комитет, да му дадете нов елан на ширење на принципите на олимпизмот и за развој на врвниот спорт и на меѓународната соработка во областа на спортот. Владата на Република Северна Македонија е подготвена заедно да соработуваме на креирањето на Спортски фонд за врвен спорт, како дел од нашата програма, како и во кампањата за зголемување на бројот на млади кои спортуваат за 30%.
Со ваучер системот продолжуваме да обезбедуваме повеќе пари за спорт. Во 2020 успеавме да обезбедиме дополнителни 10 милиони евра во спортот, како и буџетски 6 милиони денари за системот на млади спортски надежи.Нашата цел е овој износ да расте до 15 милиони евра на крајот на мандатот и заедно со Олимпискиот комитет да учествуваме во подготовката и учество на спортистите од Република Северна Македонија на Летните и Зимските олимписки игри и за развој и ширење на олимпиското движење во Северна Македонија.
Уште еднаш честитки и многу успех во исполнувањето на олимпиското мото “Citius, Altius, Fortius” и нека биде „побрзо, повисоко, посилно“.