Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на мерките за спречување и заштита од ширењето на коронавирусот КОВИД-19 и од својата Програма за работа и од интерес за граѓаните.
Владата на денешната седница донесе одлука за забрана за собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор и наместо по 21:00 часот забраната ќе трае во текот на целиот ден, цела седмица и со точно дефинирани исклучоци од оваа забрана.
Беше заклучено поранешни армиски службеници, над 45-годишна возраст, да се вклучат како поддршка на Министерството за здравство во делот на одржувањето на редот на здравствените институции.
Беше одлучено и Министерството за одбрана, за потребите на Министерството за здравство во справување со последиците од заразната болест КОВИД-19 за определен временски период да отстапи одреден број санитетски возила.
Со примената на Дополнителниот Протокол 6 кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа ќе се овозможи отворање нови пазари за нашите компании во услужните дејности, привлекување на странски инвестиции, трансфер на технологијата, создавање на нови работни места, како и обезбедување на поголема диверзификација и квалитет на услугите.
Со Дополнителниот Протокол 6 за трговија со услуги кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа се уредува трговијата со услуги меѓу земјите членки на ЦЕФТА и се либерализираат пазарите за услуги на земјите членки на ЦЕФТА во согласност со утврдениот распоред на преземените обврски на земјите членки на ЦЕФТА и во согласност со прописите на Светската трговска организација (СТО).
Денеска, членовите на Владата ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од потпишување Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој, кој се однесува на соработката за поддршка на процесот за членство во Европската Унија.
Соработката се фокусира на следните области:
-одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност; и
-зајакнување на инвестициската клима и управување.Со денешна одлука на Владата, со цел реализирање на четвртиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, Министерството за економија префрлува 60.000.000 денари од програма П1-Мерки за справување со КОВИД-19 кризата на посебна сметка на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје во Народна банка на Република Северна Македонија, како буџетски придонес за реализација на мерката. Бескаматни кредити со 30% грант компонента за микро и мали претпријатија (ММП) преку Развојна банка на Северна Македонија.
Максималниот износ на Грантот за туристичките агенции кои имаат лиценца Б ќе изнесува 180.000,00 денари додека максималниот износ за туристичките агенции со лиценца А изнесува 430.000,00 денари.
Оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година и за истата во Буџетот се обезбедени средства во износ од 116.850.000,00 денари.
Со мерката е предвидено доделување на грантови за туристички водичи како самостојни вршители на дејност во Република Северна Македонија.
Право на аплицирање ќе имаат туристички водичи кои поседуваат важечка Лиценца и не се во редовен работен однос.
Со мерката е предвидено износот на грантот да изнесува 65.000,00 денари по апликант.
Оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година и за истата во Буџетот се обезбедени средства во износ од 9.800.000,00 денари.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои и Информацијата за згрижување на семејствата од импровизирани живеалишта во објекти на установи за социјална заштита, при што се задолжува Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, да донесе решение за сместување, во објект што ги користи ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје.Се укажува на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје со своите стручни тимови да обезбеди поддршка на сместените семејства во насока на остварување на правата од социјална и здравствена заштита, односно за вклучување на пазарот на труд и осамостојување, и еднаш месечно да ја преиспитува семејната и материјалната состојба и станбените услови на сместените семејства, со укажување еднаш месечно да доставува извештај за сместените лица до Министерство за труд и социјална политика (до 5-ти во месецот за претходниот месец). Се укажува на ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје ги преземе неопходните активности за санирање на направените штети заради обезбедување на основни услови за престој во објектот.
Во однос на кадровските решенија, Владата на Република Северна Македонијa заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија” во државна сопственост–Скопје за член на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија” во државна сопственост–Скопје да го избере Јани Макрадули.
– Јасна Дуковска-Јегени ја именуваше за член на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија–овластен ревизор.
– Дениз Исмаили го разреши од должноста в.д. директор на Управата за наменско производство.
– Емил Димитровски го именува за в.д. директор на Управата за наменско производство.
– Митко Крстевски го разреши од должноста директор на Управата за семе и саден материјал.
– Лутфи Акики го именуваше за директор на Управата за семе и саден материјал.
Владата на денешната седница ја прифати оставката на Бајрам Ѓулиовски и го разреши од должноста в.д. заменик на директорот во Агенцијата за стоковни резерви, на негово барање.
Кети Смилевска ја именуваше за в.д. заменик на директорот во Агенцијата за стоковни резерви.
Владата донесе Одлука за давање на претходна согласност на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој, да го разреши Јован Деспотовски од должноста директор на Фондот за иновации и технолошки развој, на негово барање.
Владата ја прифати оставката на Александар Младеновски и го разреши од должноста директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, на негово барање и го разреши Никола Шалваринов од должноста директор на Агенцијата за иселеништво.
На денешната седница беа донесени и одлуки за именување на Слободан Близнаковски за директор на Агенцијата за иселеништво и Иљми Селами за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за статистика.