Прес-конференција, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев е максимално посветена на санирање на економските и здравствените последици од коронакризата.
Последен пример за тоа е усвоениот ребаланс на Буџетот за 2020 година.
Со него, се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет мерки вреден 470 милиони евра.
Обезбедуваме силна помош за стопанството, но и за граѓаните кои се погодени од кризата. 70 милиони евра се наменуваат за поддршка на 83.000 работни места и субвенционирање на вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември во висина од 14.500 до 21.776 денари.
Обезбедени се сериозни средства за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, занаетчиите и вршителите на самостојна дејност.
Со 27,6 милиони евра ја стимулираме приватната потрошувачка преку платежни картички од 6.000 денари за 283.000 наши сограѓани.
Дополнителни 243 милиони денари се наменети за справување со здравствените последици од коронавирусот. Овие средства ќе бидат распределени за набавка на лекови, вакцини и тестови за ковид 19.
Во овие 243 милиони денари, вклучени се и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот, во сите ковид центри низ државата.
Истовремено, со ребалансот се обезбедуваат и средства за финансирање 19 капитални проекти на локално ниво во десетици општини низ државата.
И во време на сериозна здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот, парламентарното мнозинство и Владата предводени од СДСМ континуирано работат на зајакнување на здравствениот систем и обезбедување силна поддршка за секој граѓанин и секоја компанија погодени со кризата.